Колку пари, толку наука

Настрана од тековните политичко-политикантски превирања во Македонија, поттикнат од постов, решив да направам една брза споредба помеѓу програмите на некои партии во Македонија за тоа како го третираат финансирањето на научно-истражувачките проекти. Учествуваат: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица. Се обидов да ја најдам програмата на ДУИ, ама изгледа ја нема на нивниот сајт, што е интересно само по себе.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е преполна со реализирани / планирани проекти. Според бројот, се добива впечаток дека Македонија е скандинавска земја, како и тоа дека партијата се труди да микро-менаџира и да е пристуна во секој аспект на општествените односи. Релевантниот дел за оваа споредба е:

[…Новиот модел на финансирање на високото образование би се потпирал на најдобрите светски искуства во оваа сфера, а би претставувал еден јасен и транспарентен систем кој на универзитетите би им помогнал во секојдневното функционирање, но и во среднорочното и долгорочното планирање на своите активности а истовремено би го стимулирал квалитетот.] (стр. 356), буџет: 9 милиони денари

[…Со цел интензивирање на научно-истражувачката дејност и меѓународна промоција на резултатите од научните достигнувања, ќе продолжиме со стимулација на сите научни работници кои ќе објават научни трудови во списание со фактор на влијание (импакт фактор) преку исплата на еднократен надоместок. Министерството за образование ги подготви неопходните измени во подзаконските акти со кои се овозможува дополнителното субвенционирање за објавување на научни трудови. Сите научни работници по пат на јавен конкурс ќе бидат дополнително финансиски стимулирани за нивната научна активност.] (стр. 358), буџет: 45 милиони денари

Зајакнување на научно-истражувачката работа на универзитетите/факултетите во Република Македонија преку обезбедено континуирано финансирање на научно истражувачки проекти во времетраење до најмногу 5 години:
» финансирање на базична научно-истражувачка работа;
» финансирање на проекти со задолжително ангажирање на асистенти – докторанти во реализација на научно-истражувачката работа;
» поттикнување на младите истражувачи за објавувањето на резултатите од истражувањата;
» отворање на нови можности и нови бизниси од научни и апликативни истражувања;
» средства до 1.5 милиони денари годишно по проект;
» финансирање до 15 проекти – годишно.

» финансирање на предлог-проекти поднесени од наши научни кадри до ЕУ програма Хоризонт 2020, проекти кои се технички прифатени и рецензирани во рамките програмата Хоризонт 2020, а не се одобрени за финансирање;
» зајакнување на капацитетите на македонските истражувачи и институции во подготовка на предлог проектни апликации;
» финансирање до најмногу 2 години, со што се дава можност за подобра подготовка на научно истражувачката работа на тимот, како и ангажирање на асистенти докторанти;
» средства до 1.5 милиони денари на годишно ниво по проект.
Буџет: 7.5 милиони денари на годишно ниво

Програмата истакнува намери, што е логично. Од друга страна, немам информација дали дел од овие мерки се веќе во функција. Ако не, чудно е како дури сега се предлагаат, после толку време поминато во управување со земјата. Издвоените средства се повторно премногу мали земајќи во предвид дека постојано се истакнува оти науката е мотор на развојот. Посебно ако се споредат со потрошеното во разубавување на главниот град.

Во програмата на СДСМ, го наоѓаме само ова:

Работиме на зајакнување на научно истражувачката компонента, преку формирање државен фонд за истражување и развој. Досегашното буџетско финансирање е минимално и се движи околу 0,2% од БДП – петнаесет пати помалку од препораките на европската стратегија Европа 2020. Уште во првата година од мандатот, буџетот за наука ќе го зголемиме за 50%, со цел на крајот на мандатот Македонија да издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој.

За поздравување е тоа што се цели кон финансирање по европскиот просек. И, додека премалиот простор посветен на оваа тема не мора да значи запоставување ако се следи филозофијата на помалку зборување а повеќе работење, сепак дава впечаток дека оваа тема не се смета за многу важна. Добро е што се наведени бројки, па може да се навратиме на нив во иднина и да видиме колку се остварило од ветувањата, посебно ако СДСМ формира влада и ефективно “дојде на власт”.

Програмата на Левица е многу слична на онаа на СДСМ во овој сегмент:

Левица смета дека за остварување на прокламираните заложби за темелно транс-
формирање на образованието неопходно потребно е да се зголемат и средствата
кои се одделуваат за оваа намена од буџетот на Република Македонија. Наша по-
светена и долгорочна заложба ќе биде процентот од буџетот кој се одделува за об-
разование и наука да биде, најмалку, на нивото на оној кој е во развиените земји
членки на Европската Унија.

За неа би важеле истите забелешки, и барем во овој дел нема пречка за соработка со социјал-демократите.

По којзнае кој пат, ни останува да се надеваме дека ветувањата ќе се остварат…