ДЛАБЕЊЕ

Длабокото чувство
длаби во сите нас
длабока длапка
во длабочините на душата.

Децата се неиздлабени,
старците се завршен длаборез.
Длетото на животот е неуморно.

Ние би можеле да се обидеме
да бидеме благородно дрво,
да стиснеме
заби
и да го истрпиме
длабењето.

На крајот
можеби и ќе се изненадиме
од убавината што ке се роди во нас.

ЗОШТО

Залудно. Совладан од очајот Вили седеше пред големиот екран на малечкиот команден мост. Но, неговиот поглед не беше насочен кон ѕвездата – црвен гигант која се проектираше на него, туку кон мерачот на гориво кој одбројуваше кон нула. Погледот како да сакаше да го сопре безмилосното менување на светлите броеви, но тоа беше неможно. Фузиониот погон неуморно исфрлаше разулавени јони во празнината и… нула. Буката на потисниците запре, но тишината беше уште пострашна, а Вили во градите чувствуваше притисок, но не од забрзувањето; него веќе го немаше. Стравот растеше во него и полека ги совладуваше бариерите поставени низ долгите години обука во академијата.
Матичниот брод беше некаде таму, во празнината, орбитирајќи околу оваа туѓа ѕвезда, 150 светлосни години далеку од дома. Таа беше на самиот раб, и секој момент можеше да се претвори во супернова. Секој момент од интервалот од 1000 години. Но, ова е неговата работа, и затоа тој е во оваа експедиција која посетува егзотични и обични места во потрага по знаење. Вили само сакаше да погледа набрзина една мала каменита планета која орбитираше релативно блиску до егзосферата на гигантот. Се беше во најдобар ред, но кога се оддели од површината, вентилите за гориво се заглавија, и сега веќе беше сигурно дека е поставен на орбита која ќе го однесе во неговата смрт. Компјутерот ја прикажа на екранот: хипербола. Не, тој нема да замине никаде. Тенката линија скоро го допираше центарот на ѕвездата. Математиката го даде решението на патеката; физиката пресуди дека тој ќе живее уште два часа. Стануваше се потопло. Вили го исклучи комуникациониот канал со матичниот брод. Сакаше да биде сам. Екипажот знаеше дека не може да му помогне, и Вили се надеваше дека ќе си заминат. Ги очекуваше долг пат до ГЈ 1002.
Гигантот стануваше се поголем и поголем. Кога ги почувствува солзите што потекоа по неговите образи Вили не се засрами. Само го опфати тага помешана со бес. Сакаше да живее, сакаше толку многу, а сега… ќе има погреб достоен за него. Неговите атоми ќе и се придружат на ѕвездата. Што ќе чувствува неговиот син кога од Земјата ќе ја погледне светлата точка што го уби таткото? Веќе беше неподносливо жешко, а тогаш… тој трепна и го пропушти моментот во кој се отвори универзумот. Ѕвездата ја немаше. Остана само надворешната обвивка која слабо светеше во емисионите линии на повеќе гасови. Но, шатлот сеуште паѓаше напред. Дали е можно? Разумот одбиваше да го прифати она што логиката го тврдеше. Веројатноста човек да го види ова е ништожно мала. Сознанието дојде и челото на Вили повторно се ороси, но сега со студена пот. Да умре беше подготвен, но тоа што сега го чекаше таму напред беше понепознато и пострашно и од самата смрт.
Длабоко во гигантот часот дојде кога нуклеарниот оган згасна. Сега веќе ништо не можеше да ги спречи атомите да не побрзаат во пресрет еден на друг. Густината растеше; тогаш дојде моментот кога се расцепи простор – времето, а сингуларитетот ја проголта страотната енергија ослободена кога електроните се прегрнаа со протоните во сите тие неброени јадра кои исчезнаа од овој универзум засекогаш. Но, физиката сеуште делумно важеше, па огромниот ротационен момент на сега веќе мртвата ѕвезда го изобличи хоризонтот на настани создавајќи услови за да и во реалноста се создаде она што Кер аналитички го покажа пред толку години. Оваа црна јама беше почудна од своите роднини. Отвори пат за незнаено каде. Мислите моментално проструија низ главата на Вили. Ова е пат без враќање по кој тој мора да помине.
Релативистичките ефекти веќе се чувствуваа. Универзумот се искриви и поцрвене, а колапсарот го растегна времето. Започна да навлегува. Да имаше човечки очи да бидат сведок на процесот, би изгледало дека Вили остана засекогаш на хоризонтот на настани. Но, за него немаше сомневање. Тој тргна на својот пат. Она што го виде и почувствува во преминот може да се опише како неопислив ужас. Кога конечно стаса во другиот универзум со кој колапсарот случајно се беше поврзал, имаше време само да помисли колку многу го сака својот син пред да откажат сите негови животни функции. Љубовта е можеби семоќна, но тоа беше некаде и некогаш.
Местото каде што Вили заврши беше поинакво. Тука не важеа истите физички закони, а не може ни да се рече дека постоеа баш три димензии. Само ужас, бол, а потоа Вили и шатлот се распаднаа на атоми, тие на протони, неутрони и електрони, протоните и неутроните на кваркови, а потоа и материјата се претвори во енергија чии кванти се растурија во новиот простор.Ова мало вознемирување беше се што им беше потребно на чудните сили што владееа тука. Процесот започна, и по неброени еони на времето кое постоеше исто и како на едно друго место, едно суштество започна да се прашува за причината на своето постоење.