Транскоп или Роскоп

Регионалниот и меѓуградскиот превоз во Битола е во надлежност на претпријатието „Транскоп“. Ако сте патувале со автобус во или од Битола, најверојатно го знаете тоа. Транскоп постои одамна, во старите едноумни времиња беше „фирма и пол“. Денес, кога е приватизиран, за жал не е така. Велам за жал, оти сакам нештата да функционираат во родниот ми град. Секоја година кога сум во Битола, ги користам нивните услуги и секоја година сум се по разочаран. Пред неколку години се случи и несреќа во која беше вмешан еден од флотата на дотраени транскопови автобуси, но освен многу зборување, гледам дека ништо не се променило.

Единствена промена е што автобуската станица во Битола беше внатрешно реновирана (само до половина, а надвор е сеуште во распаѓање) и што „Транскоп“ има веб сајт од Ш категорија. Но промена во возниот парк нема, а цените се во чекор со другите компании кои нудат далеку поголема удобност.

Пред две години не ми беше дозволено да патувам од Охрид до Битола иако имав повратен билет а во автобусот имаше место. Откако искористив друг превозник (Опал Ком од Кавадарци, чиј автобус беше климатизиран и во кој имаше униформирана „стујардеса“) „Транскоп“ одби да ми ги врати уплатените средства за релацијата Охрид – Битола. Тогаш молчев.

Пред извесно време требаше да одам до Берово. Директна линија Битола – Берово не постои. Можеби е тоа оправдано. Алтернативите се да се оди преку Струмица, Велес, Кавадарци или Скопје. Времето на патување се зголемува а најкратко е преку Струмица. Од Велес не постои можност за купување повратен билет до Берово, а билет во еден правец чини 540 денари. Не навлегувајќи во проблематиката на овие чудни состојби, се решив да патувам преку Струмица и за 600 денари купив повратен билет, плус 10 денари за гаранција на багажот (?!).

Автобусот кој одеше до Струмица не беше автобус, туку некој вид на минибус. Замина речиси полн, без клима, дотраен, бучен. На нашите протести зошто превозот до Струмица (4 саати пат) се прави со овој минибус, а до Демир Хисар замина поголем и подобар автобус, возачот одговори да не се жалиме на лошиот минибус, барем ни испратиле „убав шофер“. Го разбирам дека мора да се шегува за да ја задржи присебноста во своите услови за работа, ама нам не ни беше смешно, посебно кога на половина пат некој поврати (помало возило е нестабилно, и повеќе осцилира по патот), па освен со жешкото време требаше да се носиме и со непријатната миризба, а две седишта беа неупотребливи.

Минибусот застануваше во секое поголемо место, прибирајќи нови патници, па од Кавадарци натаму веќе беше полн и со луѓе кои стоеа. Дали луѓето во „Транскоп“ имаат информација колку карти се продале пред да тргне автобусот? Француските туристи кои беа во минибусот се запознаа на уникатен начин со убавините на Македонија.

Во Струмица чекав три саати за да го фатам комбето кое оди за Берово. Климатизирано комбе, кое патем беше речиси исто како нашиот „автобус“. До берово оди за саат и пол, а услугата чини 170 денари. И во Берово и во Струмица го разгледав возниот парк на тамошните транспортни компании, и можам да кажам дека е подобар од оној на „Транскоп“.

Не дека нема и таму проблеми. Единствен начин да се стигне на време од Берово до Струмица за потоа да се фати автобусот кој поаѓа за Битола е да се тргне во 07:10 сабајле а такси компаниите почнуваат со работа во 06:30 (не прифаќаат да возат порано ни со претходна најава и тоа во лето), па ако сте во некое село, нема начин на време да стигнете на станица. Очигледно селскиот туризам е предвиден само за гости со сопствен автомобил, а така и ќе остане се додека некој не реши да ги искоординира транспортните претпријатија.

На враќање за Битола сообраќаше автобус, со хидраулика која „поткашлуваше“ и секако без клима. За резервација на повратниот билет се наплаќа 40 денари, плус 10 денари за багаж и такса за услугите на станицата кои вклучуваат едно мошне непријатно WC.

Она што ми остави впечаток е фактот дека Берово се изменило на подобро од пред 15 години кога за последен пат сум го посетил, и тоа повеќе од Битола, ако се земе во предвид разликата во бројот на жители.

Порака до битолските градски власти. Крајно време е да почнете да работите повеќе, започнувајќи од контрола на „Транскоп“.

Весела математика. Еден автобус кој сообраќа до Струмица ако пренесува 40 патници со купен повратен билет, заработува 24 000 денари. Да речеме дека автобусот ќе потроши 100 литри дизел гориво, останува 18 000 денари чиста заработка. Со само една линија (а ги има една дневно) се покрива и месечната плата на возачот. Ако ги земеме во предвид и сите давачки, па и реновирањето на станицата, јасно е дека пари има и за нови автобуси и за делови, и за пристојна заработка на сопственикот. Само што мене ми изгледа дека сопственикот сака да заработи и повеќе од она што е пристојно, на грбот на нас, патниците кои обично си ќутат, а и власта не се „замара“ со контроли, ако добро се „подмачка“.