СО ВАКВА…

Неодамна на еден од нашиве позабегани портали прочитав една занимливост. Имено, типот што ја постави пораката имал братучетка или така нешто на студии во Франција. Франција ко Франција, студентиве се нешто протестираат. Е арно ама, братучеткава со уште неколку колеги останале на предавање. Ова ми е добро познато од моите ученички / студентски денови кога никој не се возбудуваше ако некој остане во училница кога сите се надвор (избегале од час или не дај боже, протестираат). Сега станува интересно. Влегува професорот, и наместо да ги испофали дека еве тие се примерни, добри и убави што останале, тој им се пушта со не баш убави зборови и ги кара дека нема смисла да седат на час кога сите нивни колеги се на улица и ги бранат нивните права. Студентиве се бранат дека треба да имаат вежби и не го знаат баш материјалот, па затоа останале. Профата ладно им вика да излезат на улица, а овој материјал нема да биде за на испит !
Да се преселиме кај нас. Се сеќавам дека во прва година заедно со еден колега отидовме до студентскиот сојуз на ЕТФ за да се зачлениме и да сработиме нешто корисно. Таму не дочекаа со полни усти фалби за нашата пожртвуваност и не распределија во сектор за наука (така сакавме ние). Сега се смеам до солзи кога ќе се сетам како верувавме дека навистина нешто ќе се сработи. Огромни планови беа кажани, а студентските водачи барем беа на вистинскиот пат да станат македонски политичари. Терминов е посебно нагласен, поради тоа што македонскиот политичар е нешто сосема различно од терминот што во речниците се подразбира под политичар. Хммм… можеби би требало да се воведе како нов поим, а до него да стои слика од Стојан Андов, да речеме.
После ова, годините поминуваа, а истата слика се повторуваше на сите студентски избори: за сојузи по факултетите, за ССУКМ, за совети на станари по домовите (дури и таму фати болеста). Се кршеа и полнеа кутии, се ветуваше се и сешто, се оцрнуваа противкандидатите како да се работи за не знам какви функции… Добро, претседателот на ССУКМ врти не мала пара, па ете има оправдување за да работи како погоре. Нека ме извини, не ми текна за ова. Фекалииве се повторија и на последниве студентски избори. Подмладоците на политичките партии има од каде да ги пополнуваат своите редови со испраксирани кадри (ако постои некој по сојузите што не е веќе член во некоја партија).
На средина од ова се студентите за кои веќе не треба да сме зачудени зошто се апатични (Македонија во мало) со вакво раководство. ќе дипломираат и ќе ги дочека општество кое е слика и прилика на нивната (бивша) организација. И ако продолжиме вака, се ќе оди во вагинална мајка.
Да се задржиме на студентите по инженерија. Можни идни сценарија за убавата наша Македонија:

  1. Влегуваш во некоја компанија во Македонија да бараш работа која што е достојна за инженер (т.е. да не си само уште еден правник, преведувач на техничка документација и да си пристојно платен, а по можност да има истражувачка и креативна нишка во описот на работното место). шефот те гледа втренчено, двајца од обезбедвање те фаќаат под раце, вработените ги носат факелите кои се свежо натопени со нафта, шефот го пали најпрвен својот, па и нивните, се делат вили, колци и секири, и правец плоштад. Таму поревносните фрлаат нарамници дрва на подготвеното место, те врзуваат на колецот, а градоначалникот со овации од толпата го потпалува оганот… Можеш да викаш кои пароли ги сакаш… по избор.
  2. Влегуваш во некоја компанија во Македонија да бараш работа која што е достојна за инженер (т.е. да не си само уште еден правник, преведувач на техничка документација и да си пристојно платен, а по можност да има истражувачка и креативна нишка во описот на работното место). Чекаш на шефот и вработените да им помине нападот од неконтролирано смеење. Те воведуваат во салата за конференции и ти објаснуваат дека бараш погрешни работи. Ти предочуваат дека живееш во Македонија и ти објаснуваат кое е местото на Македонија во светот. Ако сеуште си упорен., затоа што си им симпатичен те испраќаат на улица, а вратарот ти дава семе од домати и пиперки и те упатува накај својата нива. Кога го прашуваш како со пласманот, и тој започнува манијачки да се смее на цел глас. Си заминуваш…
  3. Влегуваш во некоја компанија во Македонија да бараш работа која што е достојна за инженер (т.е. да не си само уште еден правник, преведувач на техничка документација и да си пристојно платен, а по можност да има истражувачка и креативна нишка во описот на работното место). Ја добиваш точно таа работа.