Светот околу мене

Значи, поентата на овој запис ми е да викнам и јас малку во колективнава какофонија што деновиве се слуша по повод последните настани во нашето парче од светот, и меѓу нив проблематизирањето на македонскиот идентитет. Како природонаучник, многу поласно ми е да размислувам за теми кои што вообичаено се доста далеку од колективната реалност на Балканот, но верувам исто така дека секој има и одговорност да каже што мисли во вакви времиња, а уште повеќе и да помогне во наоѓање решение на секој можен начин.

Моментално сум во странство, но се информирам за приликите во Македонија, и некако имам впечаток дека владее општа збрка. Секогаш било така, дали инструирано, или спонтано, не знам. Внимание ми привлекува судирот помеѓу “патриотите” и “прагматичарите”. Искрено, и двата табори имаат право во некои точки. Суштината според мене, е многу проста. Во светот, нема една вистина, просто затоа што се е поврзано и испреплетено. Најдобро е да дадам пример, а најдобро ќе биде ако примерот биде од мое лично искуство.

Мојата фамилија од обете страни е бегалска фамилија. Бабата и дедото и по таткова и по мајчина линија имале врски со Егејска Македонија (таму живееле и оттаму се истерани). Поточно, едната баба и едниот дедо, но ќе дојдам до тоа. Јас како дете се сеќавам дека баба ми по таткова линија на прашањето како се чувствува таа национално (да, јас како дете со неа си зборував за се и сешто) ми велеше дека е македонка. Значи, имало македонци и пред 1945 година. Интересно. Нејзиниот маж, мојот дедо, загина на планината Вичо (денес се вика поинаку) во напад на Британски авиони. Дедо ми се бореше на страната на грчките комунисти против диктаторскиот режим во тогашна Грција. Другиот дедо не беше револуционер, тој беше работник, но неговиот брат учествуваше во граѓанската војна. По поразот на комунистите, двете фамилии мораа да пребегаат во Македонија. Оставија во своите родни села се што имаа. Зошто пребегале во тогашна Југославија? Сигурно не од убавини. По тој ред, мојот татко е дете бегалец, а јас сум дете на дете бегалец. Значи, мојот татко до ден денешен не може да ја премине границата со Грција и да оди да се види со своите роднини ниту да го види родното село. Сепак, никогаш не не воспитуваше националистички, ниту јас ги мразам Грците. Ама, не ги заборавам фактите.

Интересни факти. Кога имав 8 години, решивме да се обидеме да одиме во родното село на татко ми. На грчката граница цариниците пролистаа низ листите кои ги имаа кај нив и видоа (и после 40 години) дека татко ми не смее да влезе во Грција. Не вратија назад, и повеќе не се обидовме. Мене како на дете ми беше многу чуден тој ден. Тогаш се викавме Сочијалистичка Република Македонија, имавме висок стандард, сите одеа на одмор во Грција, и никој освен “егејците” не знаеа за вистинските чувства на грците кон Македонија. А знаеме дека “егејците” не беа омилени ни онаму каде што пребегаа, бидејќи сите им велеа дека се добиваат на готово. Тоа деновиве исто така се заборава.

Денес живеам надвор од Македонија, еден цимер ми е Грк, и отворено зборуваме за се. Немаме проблеми со имињата. Интересно, а мене познато отпорано, тој потврдува дека најголемите противници на Македонија се луѓето од северниот дел на денешна Грција. Дојденци, или дури роднини на децата бегалци кои сега се старци. Страшно е кога твојата фамилија веќе не те сака. Исто така имав можност и од прва рака да дознаам за тоа што се учи во грчките училишта, и можам да кажам дека и идните генерации млади грци нема да бидат ни малку подобро расположени кон македонците. Официјалната државна стратегија не го дозволува тоа. Пак сме заглавени на балканот.

Да се вратам на почетокот. Јас не мразам никого од Грција, Бугарија, Албанија, Србија. Не си го барам имотот од моите предци назад. Ете, ни тоа. Но, сепак, ми пречи негирањето и политиката која не ти дозволува да бидеш слободен. Ми пречи тоа што кога јас ќе одам во Грција или Бугарија и ќе кажам дека сум Македонец, чувствувам дека на 80% од моите соговорници нешто не им е по ќеф. Ќе ве молам, јас не им велам ништо, јас не сакам ништо од нив, само сакам почит. Не, јас сум ја крадел нивната историја. Да го разгледаме ова малку. Денес на балканот се е толку испомешано, што едноставно не може да се повлечат етнички чисти граници. Не е можно. Денешните Грци се потомци на античките грци колку што денешните Македонци се потомци на античките македонци – оваа мисла која ја прочитав деновиве многу ми се допаѓа. Значи, денес никој не им оспорува на грците да тврдат дека тие се потомци на античките грци, ама нив многу им смета ако македонците речат дека се потомци на античките македонци. Во ред, тоа е антика. како е во поново време? татко ми ми кажувал кога ќе го прашав дека присилно учеле грчки јазик на училиште, а го тепале ако го слушнеле да зборува на македонски. Пософистицираните наследници на тогашните учители го прават истото тоа во Егејска Македонија и денес. Татко ми знае грчки, но не се радува поради тоа кога ќе се сети како го научил. Денес има организации на македонци во Егејска и Пиринска Македонија кои сеуште се борат за своите основни права. Од друга страна, во државата Македонија се слушаат повици дека ако си националист е лошо. Лош е екстремниот национализам, се согласувам. Но, зар народ кој е негиран толку долго не смее да го крене гласот? Што мислите, дали оние луѓе, македонци кои останале во Грција и кои прифатиле да се нарекуваат грци се демократи, освестени, кои виделе дека треба да се авангарда, кои имаат поинаков “дискурс” (ах, книжевници мои по блогерајов…) или луѓе кои едноставно биле скршени?

Имате Бугари кои и ден денес Македонија и Македонците ги доживуваат како егзотика и како загубени синови. Треба да покажеме дека сме напредни со тоа што ќе се наведнеме пред нив? Не сакам да навредувам и да плукам. Сакам само почит и толку. Од сите соседи.

ЕУ е добра. НАТО не. Така мислам јас. ЕУ не е курва, туку одвратниот збор прагматизам кој опишува што треба да прави еден политичар владее во односите меѓу нациите. Јас за среќа не сум политичар. И ние сме за влез во ЕУ. Но, пред тоа мораме да ги поставиме релациите во Македонија и со соседите на здрави нозе. Што ако за 50 години ЕУ пропадне? Треба да се осигураме дека нема пак да почнат колежи, затоа што не сум сигурен дека ако сите одиме во ЕУ многу повеќе ќе се сакаме. Ќе владее прагмата, својствена за мали умови, а суштината ќе биде иста.

Advertisements

Пауза

Ми здосади учењето денес попладне, па решив да скокнам до факултет; имаше интересно предавање за астрофизика на честички со висока енергија – гама зраци и неутрина. Модераторот го најави предавачот кој беше од Израел, а мене ми падна во уши фактот дека предавачот работел во Димона на проблеми од хидродинамика и нуклеарна физика пред да се префрли во полето на астрофизиката. Интересно е тоа што во Димона е (или барем така се мисли) центарот на Израел за развој на нуклеарно оружје. Предавањето беше интересно, но останува маката дека најчесто најголемите умови се замешани и во не толку големи дела. Ни науката не е чиста.

По настанот, зборувам со една колешка за нејзиното истражување и дознавам дека таа се откажалаод кариера во полето на елементарни честички… а причината? Не ми се верува додека ја слушам како објаснува. Вели дека во тоа поле владее премногу машки шовинизам. Јас се чудам, како е тоа можно, па нели луѓево се научници, толерантни… Tаа одма ме побива велејќи ми дека на конференцијата на која што последно присуствувала, кога влегла во салата, сите учесници биле мажи и кога одела до своето место коментирале: “Која е сукњава?” … Во ред, изгледа дека навистина нема врска кој со што се занимава, туку каков човек е. Сепак, очекував повеќе од моите колеги.

Нејсе, се вратив дома и решив да видам што се случува на блогерај кај Букарски и се информирав дека се случило некое читање воТочка на кое Букарски си импровизирал нешто во негов стил. Коментирав дека слабо е фајдето од егзебиции во Точка и слични места кога релевантните места и поводи се изоставаат, а нашата Македонија тоне во калта на резигнираноста.. Некако се нема слух за такви забелешки, секој си тера филм… Па, почнав са си терам и јас свој, а оди приближно вака:

Какање, какање и само какање. Мислам и ние природонаучнициве не сме цвеќиња за мирисање, ама општествењациве ја прекардашија. Се нешто се туткаат, прешалтуваат, менуваат насоки, се прават боеми, а ништо не сработиле. Ама баш ништо. Напредокот на целава наша цивилизација се базира врз производите на природните и техничките науки. Општествењациве се појавуваат само за да закакаат нешто. И кога имаат можност да направат нешто ангажирано, се укакуваат… Па дали има смисла само да се чита по некои сопчиња, а никогаш да не се излезе и да се одработи некој протест што ќе им личи на младоста? Барем во Македонија има теми на претек за протестирање. Вака испаѓа дека пак ние од природниве науки ќе треба да ги вадиме од калта…

Туку, време е да се вратам над листовите хартија… Хартија трпи се, ама ако си философ или не дај боже социолог. Ако се занимаваш со Физика… нема импровизации.