Битола – Париз со Ориент Експрес

Идеата за постов се роди сосема случајно, кога гледајќи ја епизодата 5 од (некогаш) култната серија „Грлом у јагоде“ стигнав до временската референца 6:48.

YouTube Preview Image

Дознав дека во седумдесеттите години од 20 – тиот век имало можност да се патува од Битола до Париз. И тоа не било како, туку со директна линија! По трасата на познатата линија Ориент Експрес. Не сум „југоносталгичар“ (што и да значи тоа), ама сигурен сум дека денес во Битола младите не можат ни да си ја замислат оваа можност. Директна линија. Без преседнувања и малтретирања. Си купуваш карта (дали преку туристичка агенција, дали на самата станица во Битола – нешто кое би сакал да го видам), не ти треба виза, седнуваш, и за неколку дена си во Париз. Картата е повратна, па по мало разгледување, оп – назад во Битола. Каков космополитизам, а? Демек, социјализам беше тогаш, денес е демократија и обединета Европа, а? Аха, да…

oes_1

Од погорниот видео материјал може лесно да се чуе најавата на станицата која отприлика кажува дека кола број осум е за Битола и дека се оди со резервација, а важи тарифа за брз воз. Значи, возот доаѓа од Париз – Ориент Експрес, со крајна дестинација Истамбул преку Белград и Софија. Еден вагон се одделува од композицијата во Скопје и си продолжува за Битола. Во спротивен правец се е исто. За патникот нема разлика, тој без преседнување си патува од Битола за Париз. Екипата која ја снимала серијата сигурно не ни сонувала дека нешто што тогаш било сосем вообичаено ќе биде тема на соблазнувачки постови на нешто што се вика интернет децении покасно. Колкав напредок и колкаво назадување.

oes_2

Оваа линија се укинала во 1977 (и никогаш повторно не се воспоставила). Денес Ориент Експрес е сведен на дел од неговата траса. Ако денес сакате да патувате од Битола до Париз со воз, ќе треба да одите приближно вака. Битола – Скопје – Белград – Виена – Париз. Тоа се неколку преседнувања, па чекање да се усогласат пристигнувањата на еден со тргнувањето на другиот воз на наредната делница. Купувањето на карти пак би било вистинска авантура, и покрај користењето на интернет услугите, а патување во два правци по пократок престој би бил кошмар. Не навлегувам во причините поради кои се укинала оваа линија, не ме интересираат. Некој ќе рече дека денес имаме авио транспорт. Да, но со оглед на тоа колкави се цените, фактот дека нема директна авио линија до Скопје од Париз (за Битола не правам муабет :) ), како и тоа дека не секој сака да патува со авион, очигледно е дека сме загубиле многу. А патувањето со воз е неспоредливо со патувањето со авион. Денес, после триесет и кусур години, опоравувајќи се од беснилото на војните, новите држави на балканот ќе се поврзуваат во железничка унија за товарен сообраќај, за патнички уште не знаат. Не им бил рентабилен. Како ќе е, кога за патување требаат и пари, а нив ретко кој ги има. Треба и култура, треба и чувство дека и македонците се европјани. Ама, тоа се долги и широки муабети. Некој убав ден…

Advertisements

ЗА СИТЕ АЏАМИИ ТАМУ НЕКАДЕ…

Што значи да си млад денеска? Да си млад денеска значи дека живееш во доста динамично време, значи дека ти се достапни многу можности. Старите се подразбира дека ти завидуваат на младоста сама по себе, а ти треба да се гордееш со тоа. Гордоста стигнува само дотаму додека не посегнеш во џебот да осетиш колку пари имаш. Ако го претставуваш просекот во Македонија, ќе фатиш “стап” што ќе рече дека џебовите ти се празни, и брзо допираш до суштината. Па, се чешаш кај што не те јаде (а може и убаво да ти дојде), и си мислиш колку е убаво што си млад…

 

Еден другар ми рече дека животот е река во која сите плукаат. Друг дека е голема мистерија која не се објаснува и дека парите не значат многу, дека духовноста е единствено важна. Пробав да купам леб и на продавачот му понудив да го платам со духовност. Не ме сфати озбилно.

 

Пробавме доста идеологии. Воглавно лежејќи и филозофирајќи. Го демистифициравме падот на хипиците, ги разоткривме махинациите на комунистите, сега спаднавме да живееме со капиталистите. Па, си рековме да го пробаме новиот систем. Во оваа и ваква Македонија, тешко е да се најде работа. Некои од нас и успеаа, и веќе почнавме да се уживуваме во новата улога, и да стекнуваме нова прагматичност. Е, сега веќе се менуваат работите. Се има некоја пара, па можеме и да почнеме да се идентификуваме со новата буржазија. Сега можеме да земеме кола на кредит од 30 години, или да купиме стан со отплата на 50 години со камата од 15%. Ако се обидеш да објасниш на оние во банката за некои нелогичности во овој модел, те гледаат како да си паднат од Марс.

 

Ми текнува да бегам оттука, ама скапав чекајќи во редот за шенген. Комшијата со сомнително минато ми нуди пакет аранжман – за 1500 евра комплет документи и шанса за нов почеток во јунајтед стејтс, плус авионска карта. Се мислам…

 

Се мислиш, и на TV гледаш вести дека градот ти станал метропола, а доказ за тоа е дека Наоми манекенката ти дошла во него и значајно ги прекрстила нозете, и кажала нешто мнооогу паметно. Брзо отвараш некој учебник и земаш да рачунаш колку вакви ке искрепи земјата пред да попушти… па се откажуваш. Па ти рекламираат кафе некои долгоноги тетки, и сугестивно ти порачуваат дека само ако се напиеш од нивното, веднаш ке ти дадат и од нивниот… шеќер. Кафето стана најважен производ. А и маслото, и прашакот, па не било важно дали тој чисти, туку како мириса, колку се меки алиштата после перење, абе остај…

 

Мотам канали, и гледам еден куп реклами за мобилни, луѓе што се мнооогу несреќни, но наеднаш нивниот живот добива смисол кога ќе каснат маргарин и чајна… се разбира не било која. Е, сега е доста. Гасам телевизор, излегувам да се шетам, па гледам по корзо сојки. Пардон, девојки… девојки гледам де кои на -25 се шеткаат по мини сукњички и голи стомачиња. Влегуваат во кола со грчки таблички и ме убедуваат дека џабе се мачам, вака најбрзо се штеди за стан…

 

Абе во право се, си мислам другиот ден на работа… Само што јас се проституирам со мозоков, ама па од друга страна за тоа учев. Сум станал ментална проститутка.

 

Е па, кога е така, еве вечерва решив интелектуално да мастурбирам а продуктот да го поделам со сите читатели. Богами, лесно е да си млад денес. Толку лесно, што некогаш ми доаѓа да остарам. Онака, само за да пробам како е.

 

Или, пазете ваму: не ми текнува дали сум го прочитал ова или мене ми текнало, ама не е битно. Би требало да се раѓаме стари, па да правиме што и да е, некоја декада, потоа “омладуваш”, си ја креваш пензијата, правиш што сакаш, си “кулираш”, а умираш во оргазам. Хмммм… ете, тоа би било во ред, за промена. Ама, најверојатно сите нема да се сложат со ова, па нема да се усвои. Ма, што ми е гајле, еве го ставам на гласање…. Па, гласајте. Ај чао.