ВО ЕДЕН ЗДИВ

-ЕДНОЧИНКА СО ЧЕТИРИ ЛИЦА-

 

Ситуација:

 

Македонија, 2176 година. Планетата Земја е обединета. Држави и граници не постојат. Светот е едно среќно глобално село. Исправка: постои една граница на целата планета. Тоа е границата околу Македонија. Таа привлекува туристи од целиот свет за да ги видат нештата за кои тие читале само во книгите: пасоши, царини, визи (кои важат само за граѓаните?! на Македонија за излез во светот), пари, како и единствените обичаи на локалното население кои успешно ја држат Македонија затворена зад граница. Конечно, по подолги обиди да го хуманизира ова парче земја, светот донесува радикално решение. Македонија ја покриваат со о-гром-но стаклено ѕвоно. Таа е ставена на специјален режим на увоз на воздух од остатокот на светот, нема вегетација, освен пиперки кои се извезуваат. Мозоците на населението атрофираат а светот се надева дека ќе се опаметат.

Во Македонија сите пушат цигари кои ослободуваат кислород и се надеваат на подобро утре.

 

Лица:

 

ТАТКОТО: Висок, слаб човек на околу 50 – тина години со проретчена седа коса.

МАЈКАТА: Слаба, ситна жена.

ЌЕРКАТА: Тинејџерка.

СИНОТ: Дваесетгодишник, долга коса, со ленонки, слаб во долг црн капут.

 

Сцена:

 

Две врати лево и десно, прозорец во позадина со едно цвеќе во саксија на симсот. Низ прозорецот се гледа чад во воздухот. Еден кауч на кој лежи мајката и дише полека, маса и четири столици во средината. Ќерката во лотос позиција медитира лево од прозорецот на едно чергиче.

 

Десната врата со тресок се отвора и влегува таткото гледајќи втренчено во парче хартија кое го држи во рацете.

 

ТАТКОТО: Па добро бре, вие стварно немате памет. Еве, сметката за воздух за минатиот месец е 7000 конвертибилни денари. Што сте правеле, да му ја е… мајката? Како да го платам ова со плата од 1000 конвертибилни денари ? (Кашла и се потпира на едно столче, а потоа седнува).

МАЈКАТА: (Зборува скоро нечујно) Мажу, еве јас веќе два месеца штедам воздух, но дотука бидува. За децата не знам.

ТАТКОТО: Што ќе кажеш на ова, мори ти, чумо? (се врти кон ќерката и мафта со сметката).

ЌЕРКАТА: Тато, ќе те молам, да не викаш кога зборуваш со мене. Јас дишам колку што ми треба. Ако некој направил сметка, прашај го син ти. А сега, остави ме на мира.

ТАТКОТО: (Станува и чекори низ собата) Знаев. Ова можел само тој да го направи. Ах, копиле едно, со овие раце ќе го задавам. Хм, па што, барем ќе го намалам трошокот. (Ги крева рацете со згрчени прсти и го испушта листот, па се наведнува да го земе, а во тој момент од левата врата влегува синот).

СИНОТ: Тато, излегувам. (Оди кон десната врата).

ТАТКОТО: Застани, несреќо!

СИНОТ: (Застанува и се врти) Што е пак сега?

ТАТКОТО: Како што е сега? Знаеш ли дека стигна сметката за воздух? Погоди колку треба да се плати. 7000 конвертибилни денари. Знаеш ли ти колку пари се тоа?

СИНОТ: Па што ми викаш мене?

ТАТКОТО: Како што… Чекај, чекај… Што криеш под капутот?

СИНОТ: Ништо…

ТАТКОТО: (Оди до него и го претресува) Резервоар со воздух! Десет литри под висок притисок! Добро бре, нормален ли си ти? Сигурно си го наполнил од куќниот вентил. Еве ја од каде дошла толкава сметкааа…

СИНОТ: (Го зема резервоарот од татковите раце, оди до излезната врата, ја отвора, се врти) Ти стварно немаш поим како јас живеам. Па добро бе, ми требаат некои минимум услови, ни една јонизаторска маска немаме, еј, заебан еден! Па сигурно дека ќе земам воздух, како инаку да ќарам нешто? Со убави зборови? Не е ова времето кога ти си бил млад! (Ја треска вратата и излегува).

ТАТКОТО: Ти си луд, еј, знаеш? Така разговараш со мене! Јас не сум знаел, а? Ако не кон мене имај обзир кон мајка ти што се мачи секој ден, говедо! Жено, жено мори, кажи нешто!

ЌЕРКАТА: Не те слуша, спие.

ТАТКОТО: (Пак кашла и седнува скршен на столчето)

СИНОТ: ( Влегува со кашлање и се гледа во таткото) Стари, дај пари за цигари.

ТАТКОТО: Пари за цигари. Оди заработи. Остави сметката, знаеш ли дека треба да одиме на свадба. Срамота е ако не им однесеме барем 20 литри свеж воздух. А крштевката на твојот втор братучед? Мислев едно мало резервоарче да однесам… И ти ми бараш пари. Е, нема.

СИНОТ: Како бе, нема? Сесија е, полагам испити, главата ми е тапан. Сите мои колеги пушат. Сакаш да им речам дека немам пари за цигари? Остави што без пет цигари асистентот не те ни пушта на испит.

ТАТКОТО: Еве ти една и барај си го чарето. И јас немам повеќе. (Вади цигара и му ја дава)

СИНОТ: (Ја зема) Луда куќа. Ајде, ќе се изгребам од колегите. Веќе сум дебело во минус. (Излегува)

ТАТКОТО: Со среќа! (Се загледува во публиката)

 

– ЗАВЕСА –

ОБИД

Немирот растеше додека чекорев по мокриот асфалт. Концентричните кругови во локвите вода ги прекршуваа светлата на солитерите и неонските празнења. По малку и се предадов на сообраќајната мрежа која ме исфрли неколку километри подалеку, на работ на градот. Сеќавајќи се сеуште на градите на девојката до која стоев во метрото, мозокот се бореше против сликата наметната од очите. Влага, неосветлени улички и мирис на цветови.

 

Куќата беше затскриена во мал двор. Влегов. Еве ја и вратата. Уште еднаш влегов. Старецот седеше пред телевизорот и пиеше пиво. Во аголот светеше само една ламба. Телевизорот беше изгаснат. “Најпосле пристигна” – промрморе. А потоа:  “Еве ја” – ова се однесуваше на книгата во неговите раце. Ја фрли со чудесна леснотија. Одвај ја фатив. ” Прочитај ја ” – изусти. Во очите имаше потсмев. “Мене многу ми помогна ” – и веќе не гледаше во мене, туку во  матниот отсјај на катодната цевка. Пивото се изли во неговото грло. Немирот пак се појави. Тешко дишев. Куќата се раствори и се беше бело. “Зошто е се онака како што е”. Насловот. Трепнав и се разбудив. Таа лежеше до мене. Мирисаше на испотено цвеќе. Бокот и се отцртуваше наспроти белината на спротивниот ѕид од собата. Белината како реакција на уличната светилка. Светлина пропуштена низ стаклото, одбиена од ѕидот, од тоа тело, и во моите очи. Нејзината десна рака почиваше меѓу моите нозе. Беше жешко, а таа спиеше. Имав ерекција. Чувствував огромен товар. Чувствував дека ја посакувам.