Битола – Париз со Ориент Експрес

Идеата за постов се роди сосема случајно, кога гледајќи ја епизодата 5 од (некогаш) култната серија „Грлом у јагоде“ стигнав до временската референца 6:48.

YouTube Preview Image

Дознав дека во седумдесеттите години од 20 – тиот век имало можност да се патува од Битола до Париз. И тоа не било како, туку со директна линија! По трасата на познатата линија Ориент Експрес. Не сум „југоносталгичар“ (што и да значи тоа), ама сигурен сум дека денес во Битола младите не можат ни да си ја замислат оваа можност. Директна линија. Без преседнувања и малтретирања. Си купуваш карта (дали преку туристичка агенција, дали на самата станица во Битола – нешто кое би сакал да го видам), не ти треба виза, седнуваш, и за неколку дена си во Париз. Картата е повратна, па по мало разгледување, оп – назад во Битола. Каков космополитизам, а? Демек, социјализам беше тогаш, денес е демократија и обединета Европа, а? Аха, да…

oes_1

Од погорниот видео материјал може лесно да се чуе најавата на станицата која отприлика кажува дека кола број осум е за Битола и дека се оди со резервација, а важи тарифа за брз воз. Значи, возот доаѓа од Париз – Ориент Експрес, со крајна дестинација Истамбул преку Белград и Софија. Еден вагон се одделува од композицијата во Скопје и си продолжува за Битола. Во спротивен правец се е исто. За патникот нема разлика, тој без преседнување си патува од Битола за Париз. Екипата која ја снимала серијата сигурно не ни сонувала дека нешто што тогаш било сосем вообичаено ќе биде тема на соблазнувачки постови на нешто што се вика интернет децении покасно. Колкав напредок и колкаво назадување.

oes_2

Оваа линија се укинала во 1977 (и никогаш повторно не се воспоставила). Денес Ориент Експрес е сведен на дел од неговата траса. Ако денес сакате да патувате од Битола до Париз со воз, ќе треба да одите приближно вака. Битола – Скопје – Белград – Виена – Париз. Тоа се неколку преседнувања, па чекање да се усогласат пристигнувањата на еден со тргнувањето на другиот воз на наредната делница. Купувањето на карти пак би било вистинска авантура, и покрај користењето на интернет услугите, а патување во два правци по пократок престој би бил кошмар. Не навлегувам во причините поради кои се укинала оваа линија, не ме интересираат. Некој ќе рече дека денес имаме авио транспорт. Да, но со оглед на тоа колкави се цените, фактот дека нема директна авио линија до Скопје од Париз (за Битола не правам муабет :) ), како и тоа дека не секој сака да патува со авион, очигледно е дека сме загубиле многу. А патувањето со воз е неспоредливо со патувањето со авион. Денес, после триесет и кусур години, опоравувајќи се од беснилото на војните, новите држави на балканот ќе се поврзуваат во железничка унија за товарен сообраќај, за патнички уште не знаат. Не им бил рентабилен. Како ќе е, кога за патување требаат и пари, а нив ретко кој ги има. Треба и култура, треба и чувство дека и македонците се европјани. Ама, тоа се долги и широки муабети. Некој убав ден…

Машината

Забавувањето беше исто како и забрзувањето. Огромните енергии кои пулсираа низ бродот беа надвор од умот на помошникот инженер. Неговиот ум беше фокусиран на бујните гради кои тековната девојка за рекламирање на супер пиво ги покажуваше одејќи низ малата кабина. Штета беше што е само 3Д.

Црвеното џуџе ја присвојуваше траекторијата на бродот, која се повеќе отстапуваше од патеките на Сончевите фотони кои го следеа „Х – 1“ на овој прв лет на Човекот од дома до оваа мала ѕвезда. Првпат откриена за време на инфрацрвените истражувања од средината на 21 век, жарчето – како што ја нарекуваа, ги откри и последните свои тајни пред интензивните проучувања со бројните инструменти, и кога конечно се потврди дека околу неа орбитира влажен свет, не се поставуваше прашање дали ќе се оди таму. Прашање беше кога и со што. А сите беа нетрпеливи.

Не можеше да се чека премногу, а технологијата на вселенски погон не нудеше некои особени новости кои би инспирирале надеж за брзо откривање на тајните на црвеното жарче. Компјутерската технологија за чудо сеуште го следеше законот на Мур, и… најпосле некои од најголемите умови се одрекоа од својот примат. Го препуштија на машината. Целата Земја се фрли беспоштедно во битка да се конструира најголемиот суперкомпјутер што било кога бил направен. Целта беше луда, но токму затоа и толку достижна. Луѓето знаеа што конструираат, но тоа што се роди ја надмина простата сума на своите делови. Не, тоа никако не беше „мозок“ или ВИ. Машината не мислеше, барем не во човечки рамки. Прашањето кое таа требаше да го реши беше просто. Дизајнирај ѕвезден погон. Однеси не до Втората Земја…

Повеќе на првиот Македонски портал за научна фантастика. Проширете ја идеата !