O TEMPORA, O MORES…

Обично ретко пишувам политички постови. Кога би ме прашувале мене, и воопшто не сакам да ги пишувам. Мојата работа ме носи на места кои се по природа аполитични, а се многу универзални. Ама, нејсе, нели сум на блогерајов, и од страна читам и следам што се случува, од време на време се собира и синтетизира и по некоја мисла за општиот циркус во Македонија, па си го наоѓа патот и станува пост. Овој пост.

     Страшно е како тоа Македонците се поделени. Чиниш не се еден народ кој дели добро и зло на тоа мало парче земја. Гледано во контекст на Балканот, таквите состојби и не изненадуваат, ама во сите случаи колку што знам јас на Балканско братоубивање, само Македонците не учат ништо од историјата и пак ете стапнале на воената патека и пак брат против брат, комшија против комшија, колега против колега. Во таква ситуација, не ни треба да се прашуваме а што со другите етноси… та ние, Македонците во Македонија доволни сме си самите на себе за пуштање крв. Не ни треба помош. А помош за искрварување несебично ни се нуди од сите страни и покрај тоа. Милина.

     Ајде да си го кажам алот. Го прочитав манифестот на ГЕМ. Супер е. Ги поддржувам да си кажат се што ги мачи. Но, јас нема да се потпишам. Ете зошто. Јас мислам дека сегашната влада во Македонија не е најлошата која Македонија ја имала (не сум таму, па може грешам, проштевајте). Не поддржувам веронаука во училишта, не поддржувам мешање на Бог (што и да значи тоа) во секоја општествена ситуација. Не поддржувам ограничување на слободите на луѓето, не поддржувам експериментирање со закони. Далеку од тоа дека владата може толку наеднаш да се измени. Иако е друга политичка партија, таа извира од народот Македонски, а народот Македонски за жал сеуште има слаба култура и чувство за општо добро. Но, и покрај тоа што не поддржувам кампањи во вид на медиумски терор, јас мислам дека владата направи добро што конечно започна да дава по некој добар пример, и што конечно ги започна посериозно истражувањата на историјата. Се надевам дека нема да застане дотаму и дека ќе оди и во афирмација и на другите науки. Со манифестот не се сложувам и поради тоа што таму таксативно се набројува дека сега не чини, и сакаме Европска Македонија. Другари, европска Македонија нема да падне од небото. Македонија уште долго нема да биде европска се додека не се смени свеста на народот, а тоа не зависи многу од една влада. А и да падне владата, дали вие нудите добар материјал кој ќе ја замени? Јас не видов нешто такво. Мене ми лучи дека ќе биде слези Мурто да се качи Курто. Со други зборови продавате демагогија.

     Не спомнав антика намерно. Антиката ја проучува науката. Јас се чувствувам како Македонец, што тоа ви значи вам и на некои спин доктори, не знам. Ете овде, во Европа, и покрај европските вредности, секој си се гордее со своето потекло. Јас се декларирам како Македонец, и не мразам никого. Имам другари и колеги и Грци и Бугари и Срби. Некои од нив се сосема рамнодушни кон тоа како јас се декларирам, како што впрочем и треба да биде. Некои жолчно се расправаат. На пример, имам другарка гркинка која е студент по археологија и таа не може и не сака да прифати дека постојат Македонци. Сака едноставно секој во светот кога ќе слушне збор Македонија веднаш да добие асоцијација на нешто грчко. Во ред, јас го почитувам тоа нејзно мислење, и со неа се согласуваме дека не се согласуваме. Што мислам дека е и одличен модел на решавање на спорот со името, кој патем и не е спор, туку е вештачки созададен со самото тоа што некој лумен прифатил да преговара за нешто за кое што не треба да има преговори. Затоа, оставете науката со факти да докажува. Македонците се амалгам од се што поминало на Балканот, исто како и Грците и сите останати. Си имаме корени во минатото и оттогаш сме се мешале. Но, кога сакате да шпекулираме, ете една шпекулација. Ако Грците ја примиле православната вера, а пак сакаат да се сметаат наследници на античките Грци, зошто Македонците да не се сметаат наследници на Македонците од старини? Поради писмото? Па зарем затоа што Европа пишува на латиница треба сега сите да се прогласат за Латини? Продолжете ја мислава…

     И така, додека се дели ткивото на Македонија, како да забораваме на според мене најголемата грешка која што се направи во поново време, а тоа се промените во уставот на мала врата после шок терапијата во 2001 година. Наместо Македонците да кажат, извинете, со тие куршуми не, станаа експериментални глувчиња. И на најголем дунстер би требало да му е јасно дека такви грандиозни проекти за права над секоја мера, за де факто етничко цепење на една држава не треба ни да се помислат, а уште помалку да се направат, и тоа ни помалку ни повеќе туку на Балканот. На Балканот, кеде што само тоа треба. Како да не се верува во исконструирана малициозност и во отворена желба за политика на раздели и владеј од страна на светските терористи кога се понудени такви неразумни решенија ?! А капак на се е што Македонија ги прифати. Па сега, ќе ја имаме Струга, ќе имаме политичари кои со право бараат доследно почитување на уставот. Доследно, оти со тоа се оди кон остварување на една заокружена целина. Според мене, треба да се лекува Македонија, а тоа може да биде само со отповикување на измените постепено, а бидејќи позади нив стои меѓународната, нас на Македонците ќе ни треба единство и тешка работа на каузата, единство кое сега никаде го нема. Не се изненадувајте кога користам зборови како кауза, Македонската кауза е да ја зачува и зацврсти својата национална држава. Да, затоа што и на бебе му е јасно дека тоа го прават сите држави наоколу. Права на националности да, но бидејќи ова е Балкан, само по основа на прекуграничен реципроцитет. Не по процентуална застапеност. Зошто? Затоа што Македонија сеуште не е за тоа та се прави Швајцарија на Балканот. Аргумент плус е кога некои слават 14 годишен јубилеј на универзитет создаден сосем нелегално, па со тероризам сместен во градот во кој е и денес. Тоа не е здрава основа за универзитет. Затоа ете јас сакам да биде Македонија конзервативна за промена. Доста бевме авангардни со Крушевскиот манифест. Ете, за промена сакам да применуваме испитани решенија. Нека Европа и длабокоумните од Брисел ни покажат како функционира швајцарски модел во Баскија, па да правиме муабет. Вака, се што имам да им речам на некои мегаломани е:  „оваа земја, е ваша се додека ја почитувате и ја градите, но не може да е САМО ваша. Ако не ви е удобно и речете дека не може да е и само Македонска, тогаш супер, ќе ја редефинираме во истиот момент кога и Албанија, Грција и Бугарија би се редефинирале по ист терк. Не пред тоа“.  Мегаломански идеи не одобрувам. Исто би им рекол и на Македонците во Егеј и Пирин, ама гледај чудо, тие таму секогаш истакнуваат дека почитуваат и јазик и знаме на Грција и Бугарија, а сакаат само елементарен пристоен третман. Јас во принцип, би сакал најмногу да се избришат границите, и сите да се прегрнеме како луѓе. Но, тоа ќе може само кога прегратката ќе биде искрена, не кога се држи нож зад грбот. Се дотогаш, националната држава е нужно зло, а драги медијатори од Европа и светот, ако ви се менува тој концепт, сменете го кај себеси, или ТОПТАН на Балканот. Но, ве молам, не не правете луди и не се обидувајте да го менувате само во Македонија. Знам, знам дека вака ви е најлесно, оти во Македонија наидовте на меко, наидовте на ровок етницитет, кој и покрај сите напори, пак преживеа, а толку се потрудивте да го закопате. Е па сега, не затварајте очи. Тука сме.

     Ете, постов излезе подолг, ама се надевам дека повеќе нема да има потреба да пишувам вакви постови, оти навистина ги мразам. Ама којзнае, можеби че се случи некоја ноторна глупост, и пак ќе треба да промислувам. Ќе бидам искрено разочаран ако овој пост има во просек повеќе коментари од другите мои постови кои се занимаваат со поубави работи. За крај, една песна од мојата драга другарка.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s