ШТО ПОСЛЕ 2012, 2013, 20…

Неколку пати имам забележано по мрежава како кружи информација дека ќе се случи некоја катастрофа на Земјата околу 2013 година. Поинаква верзија на настанот е дека тогаш некои од нас (или сите) ќе го напуштат ова ниво на постоење и ќе одат во повисока димензија, претпоставувам со благопријатни последици по нив, а ова е производ на тоа што во тој момент сончевиот систем ќе се „подреди“ со центарот на галаксијата… Поврзаност со завршувањето на светот според календарот на Маите…

 За календарот на Маите нема да коментирам, ќе го препуштам тоа на археолозите (Arwena јави се…), но би можел да кажам збор два за астрономските аспекти.

Сите знаеме дека митовите (или верзиите) за крајот на светот постојат од кога постои човекот. Само, изгледа дека во последниве години зачестија повиците за апокалипса, или можеби се полесно достапни разните „пророштва“ поради  сеприсутната глобална комуникација. Извикуваната оттуѓеност на модерното општество е можеби друга причина за танатос да завладее над ерос… Ако зборуваме за астероиди убијци на пример, да, тие постојат, и некој е таму надвор кој за мета ја има оваа планета. Статистички, знам дека сте слушнале, планетарен убиец ја погодува планетата во временски рамки кои се мерат со милиони години. Помали удари се почести. Последниот глобално почувствуван удар ги уби диносаурусите. Оној пред тоа речиси го избриша целиот живот во камбриската ера. Следниот е на пат. Но, тоа не значи дека ќе удри баш во 2013. Да, точно е дека астероид ќе помине блиску, и можно е да удри, но тоа сега со сигурност не можеме да го знаеме. Зошто. Затоа што оние пресметки на орбитата кои се прават, зависат од тоа за колку места на тековната орбита имаме податоци. Со други зборови, како што поминува времето, орбитата на било кој опасен астроид се уточнува, и во најголем број на случаи, излегува дека би ја промашил Земјата. Но, луѓето се жедни по сензации најверојатно, па почетните непрецизни податоци ги прогласуваат за точни без сомневање. Подоцна, кога астрономите ќе ги објават новите податоци со поточната орбита, јавноста ги прогласува за незнајковци. Едноставно одбиваат да прифатат дека науката не е апсолутно детерминистичка. Ова е апсурд само по себеси, кога ќе се земе во предвид дека најчесто научниците се обвинувани дека се и премногу детерминисти. Толку за тоа.

Порамнување со галактичкиот центар. Како што кажав во претходниот пост, гледано од Земјата, галактичкиот центар лежи во созвездието Стрелец. Секоја година, во Ноември – Декември Сонцето поминува низ тоа соѕвездие. Ако сте астролог, тоа значи дека сите кои се родени во тој период се стрелци во хороскоп. Исто така, тоа значи дека во тој период, Сонцето се наоѓа помеѓу Земјата и центарот на галаксијата. Сонцето пак, заедно со планетите се движи околу тој центар (најпросто кажано, има тука детали кои се тема на курсеви од галактичка динамика). Исто така, во својата ротација, Земјата има влијание од Месечината и Сонцето при што нејзината оска на ротација прецесира (опишува конус во просторот) со период од 26 000 години. Според приврзаниците на теоријата на вознесувањето, во 2013 овие ефекти ќе се комбинираат на начин што ние преку Сонцето ќе бидеме под влијание на (некој вид на) енергија од центарот на галаксијата и тоа ќе ги трансформира луѓето. Каква енергија е тоа? Космичка? Што е космичка енергија? Што е чи? Знам што означуваат поимиве, ама што се? Не кинетичка (термална), не потенцијална, не (суб) атомски сили, не темна енергија. Добро, тогаш што? На оваа точка приврзаниците на оваа струја се на исто рамниште со астролозите кои велат дека влијанието на универзумот врз човекот се простира преку механизам непознат за „ортодоксната“ наука. Тука, навлегуваме на несигурен терен, како што сме дискутирале и порано на овој блог, поради тоа што нема објективност. Науката секогаш презентира факти кои можат да се проверат. Спиритуалистите бараат а приори вера. Нема дијалог.

Значи, не кажав ништо ново, туку сакам да ја преџвакам старата дилема помеѓу науката и спиритуалното. Не го негирам спиритуалното, но посебно денес премногу се извртуваат фактите. А приговорот на научниот резон е секогаш оној дека сме ригидни и не сме априори отворени кон новото. Јас мислам дека токму научниците се најотворени. Само пристапот е различен. А модерното оживување на апокалипсата може да биде индикација за болест на колективната психа, но не викајте дека науката е крива за тоа. Науката како и се друго е меч со повеќе острици. Секако дека научниците не се амнестирани од последиците на своите истражувања, но не треба да се заборави дека посебно денес откако ќе се открие нешто тоа најчесто е сопственост на големиот бизнис. А тој не е баш етичен. Затоа, корективот упатете го кон луѓето во црно, не кон луѓето во бел мантил (уште еден стереотип).

Што се однесува до сите енергии, визии… сеуште премалку знаеме за мозокот и неговите односи со појавното. Placebo ефект, биохемиски реакции, ново ниво на стварност… се некои од работите кои би требало да се погледнат пред да се оди кон шпекулации. Стравот е основа на се. Ќе видиме колку ќе сме паметни во иднина.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s