ФИЛИП II И АСТРОНОМИЈА

Повод за постов е најновиот споменик со античка тематика во Македонија. Оној на Филип II на плоштадот Магнолија во Битола. Имаше расправии на Facebook за него, но на блогерајов штама. Тој проект се започна и заврши и никаква јавна расправа не се поведе ниту на почетокот, ниту пак јас сум дознал дека некој дал некоја оцена за него пред да почне да се гради. Но, не ми е толку тоа муабетот. На почеток, пред да си го кажам мислењето за ова дело, да кажам дека не паѓам на „продавањето антиквизација“ од некои кругови. Не е антиквизација почитувањето на целовитоста на Македонската историја. Ниту е антиквизација одбивањето да се ведне глава пред едностраното читање на историјата од комшиите.
     Она со кое јас имам проблем во случајов е следното. Погледнете ги подолниве слики од местото на настанот.
 Filip_1.jpg
 Filip_2.jpg
     Сликите се земени од форумов и сите права на нив се на луѓето кои таму ги поставиле. Се води и дискусија околу темава. Јас само ќе прашам до кога. До кога аман веќе ќе се случуваат вакви ноторни кичерајски глупости. Посебно во Битола, каде за секоја интервенција треба да се размисли стопати па потоа да се пресече, кога се прави нешто на Широк Сокак. Почитувам споменик на Филип. Но не на тоа место Местото е едноставно премногу отпат кажано колоквијално. Отпат во смисол дека не е на среде проштадот Магнолија а тоа и не е таков плоштад што трпи вакви споменици. Можеше да се постави на влезот на паркот на пример. Таму се реновираше целиот простор, па во склоп на тоа можеше да се промисли и поставувањето на ваков споменик. Има и реплика на мозаик од Хераклеа, а Филип се поврзува со неа.
     Но ајде, да прифатиме дека треба да се гради споменик таму. Зшто добога фонтана и тоа позади споменикот ?! Со кој памет? И тоа не каква било фонтана. Фонтана која вклучува и хидраулика која најверојатно ќе го придвижува штитот поставен хоризонтално, па рефлектори поставени на ниво на земјата а и странично, најверојатно во повеќе бои, најверојатно и со звучници… Се тоа спакувано во за мене грдо бетонско поплочено решение, со рефлектори обоени во златна боја како и клупите, а целиов комплекс очајно стрчи кога ќе се спореди со фасадите на блиските куќи кои се од ран 20 – ти век.
     Зошто фонтана тука, зошто се прекопа тоа мало зелено паркче, зошто некој младите луѓе кои протестираа против тој вандализам побрза да ги нарече пиони на опозицијата?! Ве отру партизацијата луѓе, тоа не ли го гледате? Фонтана има само 50 метра потаму пред џамијата – музеј. Таа фонтана е во очајна состојба, па можело барем да се реновира.
     Понатаму, самата изведба е приказна за себе. Штитови и голем штит, ама на нив не е ѕвездата од Кутлеш, туку нејзина осакатена верзија. Наводно за да не биде изведувачот или владата обвинета за провокации. Па господа, ако веќе го чествуваме Филип, ставете тоа што треба. Какви црни провокации?! Ако вие кои го градите споменикот се плашите да не повредите нечии чувства, зошто го градите? Дури после вакви постапки постои опасност да ве обвинат за тежок популизам.
     Никаква транспарентност, јавен увид, ништо. Сега општинската власт решила да гради и гради.. Пред некоја година  „борците“ решија да прават споменик и направија, на тревникот пред домот на културата. И тогаш немаше расправа. Потоа, понастрана од него, пред самиот влез на домот, се постави скулптурата на Милтон Манаки. Сосема  во ред, но кога се работи стихијно, се губи концептот на просторот. Има ли во градот архитекти? Ах , пак јас заборавам дека не е доволно да си стручен, туку секогаш треба да зборуваш онака како што оној кој е на власт сака да слушне. Страшна е помислата дека старци имаат толкаво влијание што можат да прават што ќе им текне и каде ќе им текне. НОБ е достојно обележан во сега реновираниот парк. Има биста на Тито на Широк Сокак, има биста на Стив Наумов кај офицерски. Но не, требало уште. И помина мазно. Градот е во власт на фамилии кои се менуваат и прават што ќе им се ќефне. Дека граѓаните треба да се прашаат, тоа чувство изостанува. Доволен е спектакл.
     Споменикот на НОБ чинам дека чинеше околу 300 000 евра. Се шушка дека новиов комплекс чини накај 600 000. Тоа се околу милион евра пари. Со тие пари можеше да се постави само споменик на Филип и тоа на далеку подобрата локација пред домот на културата. А тоа место трпи и да биде тоа поголем споменик.
     На тоа место исто така постои и сончевиот часовник кој ќе се вклопеше во тој амбиент на антика, ако веќе мора да гледаме така на работиве. И тука доаѓам до она за кое сакам да пишувам. Останатите пари ќе можеа да се искористат за било што. Можеби некој нов апарат за да ги замени  хаварисаните во градската болница. Можеби за книжевен фонд во градската библиотека и во библиотеката на техничкиот факултет. Можеби парите можеа само да седат во градскои буџет за црни денови.
     Или пак, можеби можеше да се воскресне проектот на Битолското Астрономско Друштво за изградба на градска опсерваторија. Проект кој беше поднесен до општината пред 3 години, во рамките на проекти за капитални инвестиции и кој експресно си го најде своето место на дното на нечија фиока. До ден денес друштвото колку што ми е мене познато не е официјално известено дека проектот е одбиен. Неофицијално дознаваме дека дури и за да се биде известен, теба да се има „човек внатре“. Не знам што значи тоа, тоа е виша математика за прости луѓе кои не се разбираат од бирократија со локални – фамилијарен шмек.
     Јас тврдам дека  мала градска опсерваторија со современи инструменти и со се сите давачки, чувар, уредување на околен простор, итн. чини најповеќе 200 000 евра, од кои помалку од 100 000 одат на астрономскиот дел, а останатото на градежни работи во околината и разни комуналии. Општината не најде за сходно да мисли за вакви решенија. Во пакет со опсерваторијата би можело да оди и почеток на урбанизација на регионот на Тумбе Кафе. И сето ова со парите кои отидоа на овие две гротески кои не мораше да се случат.
     Да проглаголам за друго нешто. Кога ќе се пушти во работа фонтанава, се прашувам чуму ќе се тие разнобојни светла и музика? Тој дел е веќе осветлен. Колкава ќе биде сметката за струја месечно? Знаејќи ја Македонската навика се да биде стихијно, што ако се расипе хидрауликата? Би се обложил дека нема баш експресно да се интервенира во поправки, посебно „ако се смени власта“. Слези Курто да се качи Мурто.
     Ајде тоа настрана. Во ова време на енергетска ефикасност, илјадници вати ќе се трошат на осветлување, кое откако ќе се одбие од фонтаната ќе оди во небото. Веќе пишував за тоа колку таквите непромислени решенија создаваат светлосно загадување и колку тоа смета на науките како астрономијата. Зошто пишував? Се надевав можеби дека некој ќе прочита и разбере. Не дека имав илзии оти во Битола конечно ќе започнат да се залагаат за астрономија, туку можеби дека ќе размислат за тоа што прават.
     Е па ете, Битола сега има и саат кула, и црква (св. Димитрија), и споменик, и две џамии и две фонтани на плоштад. Ајде Скопје, ти си на потег.
Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s