УСПЕШНО ЛАНСИРАЊЕ НА HERSCHELL И PLANCK

Денес, на 14 Мај 2009 година во 15 часот и 12 минути ракетата носач Ариана 5 успешно ги изнесе во преносната патека кон втората лагранжова точка двете најнови вселенски опсерватории на Европската вселенска агенција (ESA), Herschell (Хершел) и Planck (Планк). Двата сателити претставуваат продолжение на серијата вселенски опсерватории поставени во вселената од страна на НАСА и Јапонската вселенска агенција ЈАХА.
Хершел при тестирање во центарот на ESA, ESTEC блиску до Nordwijk, Холандија
приказ на Планк
     Хершел го покрива далечниот инфрацрвен дел од спектарот, а Планк ќе го испитува микробрановодо зрачење останато од постанокот на вселената. Планк е всушност наследник на WMAP, сондата на НАСА која со најновата анализа на податоците што ги собра во текот на својата мисија ги потврди со неверојатна точност теориските пресметки на космолозите за тоа кои се составните делови на космосот, за тоа како започнало формирањето на галаксиите, и структурата која ја гледаме денес во блиската вселена.
     Главна цел на Хершел ќе биде бележење на топлинското зрачење од прашината присутна во далечните галаксии, како и од местата на настанок на планети во дисковите од гас и прашина кои се присутни околу ѕвездите. Исто така, ќе може да се проучуваат далечните галаксии чија светлина поради ширењето на вселената е поместена во далечниот инфра црвен дијапазон на електромагнетниот спектар Поради тоа што за да се мери топлина од толку далечно објекти неопходно е да се исклучи секаква можност за случајна детекција на топлината од самото летало, инструментите на Хершел ќе бидат оладени до само десетинка степен над апсолутната нула (0.1К, или -272.9 степени целзиусови). Слично важи и за Планк. Колку што е познато, срцата на овие сателити ќе бидат најладните места во космосот.
изглед на небото во далечниот инфрацрвен домен на зрачење
     Лично за мене Планк е поинтересен. Тој ќе ги мери малите отстапувања на позадинското микробраново зрачење од рамномерната распресделба и ќе ги поврзи со позицијата на небесната сфера каде тие отстапувања се случуваат. Овие отстапувања се откриени на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Потоа WMAP ги мапираше со прецизност до милионити дел на степен келвинов и со неверојатна аглова прецизност. Планк ќе оди до уште поголема прецизност, а истовремено е и прва мисија која ќе ја мери и поларизацијата на овие отстапувања.
симулација на микробрановото небо видено од страна на Планк
     Иако на прв поглед не се многу визуелно привлечни, овие податоци во себе ја содржат шифрата за тоа како настанале денешните галаксии и галактички јата, а содржат и информации за тоа кој е односот на темната материја, темната енергија, и обичната материја во вселената, потоа за квантните колебања на почетокот кој биле семиња за формирање на денешните галаксии, можната димензионалност на простор времето, итн. Тие се исто така лабораторија која може да каже дали струните имаат влијание на почетоците, а исто така овие набљудувања имаат моќ да потврдат или отфрлат некои од моделите за раната инфлација на вселената. Мерењата на компонентите на поларизацијата на позадинското зрачење можат да фрлат значајна светлина врз природата на преостанатите скаларни (густина, материја) и векторски (гравитациони) колебања во раната вселена веднаш по инфлацијата, а со тоа и индиректно да ги открие гравитационите бранови. И сето тоа со еден релативно ефтин сателит, и од навидум скромни податоци.
приказ на отстапувањата на позадинското зрачење. На х оската е индексот на сферните хармоници (поголем број значи помал агол на небото), а на ѕ оската е отстапувањето во микрокелвини.
     WMAP а и други експерименти после обработката на податоците ја даваат агловата зависност на температурните отстапувања прикажана погоре. Цело богатство на постанокот е шифрирано во врвовите на кривата, во тоа колку се високи, и на кое аглово растојание се. Бог нема што да бара тука, прогонет е евентуално на самиот почеток, а се си мислам дека ни таму нема уште долго да се крие ;) Она што Планк ќе го направи е тоа дека ќе мери на уште помали аглови индекси (десно на х оската), а и ќе ги намали грешките на мерењето, така што веќе ќе знаеме се што треба да се знае за почетоците. Постојат и толкувања  дека отстапувањата се артефакти, односно не се дел од позадинското зрачење, туку од водород кој се наоѓа меѓу нас и позадината. Тоа и може да се прифати, но таа хипотеза паѓа токму поради оваа крива. Имено, набљудувањата се во совршена согласност со теоријата која не го вклучува ефектот на овој водород, туку само условите во раната вселена. Би било голема случајност кога позадинските ефекти би биле токму исти со влијанието на меѓугалактичката распространетост на водород.
     Не очекуваат многу возбудливи времиња, а Македонија би требало да се вклучи во овие истражувања. Потребно е да се направат првични контакти за членство во ЕСА. Секако, тоа значи посветеност и цврсто образование со посебен осврт на инженерија и природни науки.
     На крај збор два за духовноста и почетоците; овие истражувања неизбежно поттикнуваат и такви прашања. Лично, мислам дека има разлика помеѓу духовност и догматска, организирана, институционална религија и религиозни системи. Духовноста не нужно има потреба од татковски Бог. Духовност е чувството на длабока поврзаност со тие мали температурни промени и сознанието дека преку еони на еволуција ние ги гледаме сега нив, нашите причини за постоењето. Се друго е како што кажува Љупчо  само една патерица. Но, треба да се има почит и кон луѓето на кои таа патерица им треба. Јас не можам и не сакам да им ги рушам илузиите. Ако некому навистина му помага и му го прави полесен животот или справувањето со трауми и проблеми вербата во Бог, тогаш во ред. За сите останати, кои го сакаат недогматското знаење, денес е голем ден.
     Повеќе информации за Хершел и Планк може да се најдат тука.
Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s