ТЕМНИОТ ИЗВОР

Пред неколку месеци напишав пост за темната енергија. Во него ги објаснив (се надевам) последиците од нејзиното делување и начините на кои беше откриена. Но, едно прашање остана недопрено. Што всушност е темната енергија? Кој е нејзиниот извор? Не е воопшто едноставно да се одговори на ова. Предложени се десетина теории што би можела да биде причината, но сите имаат проблем и не се согласуваат со набљудувањата доволно за да барем еден модел се прифати.

     Најпрво, мора да се знае дека густината на темната енергија е екстремно мала. Тое е и причината што таа делува само на огромни растојанија. На пример, во еден кубен метар простор количеството на ваква енергија е толку мало што за да го напишам тука би требало половина од постот да прекријам со децимални нули. Затоа, ќе речам само дека енергетската густина на овој ефект е околу 10-47 GeV. Од друга страна пак, едно од објаснувањата за потеклото на феноменот е тоа дека тој е таканаречената енергија на нулта точка. Ова звучи многу мистично и не еднаш е искористено од њу ејџ култовите како „доказ“ за постоење на „космичка“ енергија. Всушност, тоа произлегува од квантната теорија кога таа ќе се примени на полиња. Кога се квантуваат полиња (електромагнетно, гравитационо… било какво поле, дури и промената на концентрацијата на луѓе на еден рок концерт може да се изрази како поле и да се квантува, што не мора да значи дека резултатот има било каков смисол  ) нивните кванти се „честички“ како фотоните, глуоните, итн. но интересното е тоа што може да се покаже дека таквиот систем дури и кога е во својата најниска енергетска состојба, сепак поседува определена енергија. Ова е чист квантен феномен, и во случајот на електромагнетното поле, добиване дека дури и кога нема ништо, има енергија, ова е т.н. енергија на вакуумот или енергија на нултата точка. Проблемот е што нејзината густина е околу 1074 GeV. Ако ги споредиме броевите ќе се види дека темната енергија е многу, многу послаба. Значи, потребно е нешто друго.

     Друга можност би била дека општата теорија на релативноста не е точна и дека треба да се коригира. Алтернативи се понудени, кои вклучуваат „мешање“ на гравитацијата со разни други слаби полиња кои се воведуваат од чисто теоретски причини. Ништо од тоа не успеа да ги објасни набљудуваните вредности.

      Понатаму, испробани се и други „типови“ на вакуум. Знам дека сега ќе речете дека вакуум си е вакуум, и бесмислено е ова што го зборувам, но во поглед на математичкиот третман, има многу што да се рече за разликите помеѓу разни видови на вакуум. И вакуумот може да се генерира, и постојат теории кои се занимаваат и со состојби на т.н. „лажен вакуум“ од кои еден вид и се теоретизира дека бил причина за големата експлозија, тоест за самиот настанок на универзумот. Патем, тоа го исклучува Бог како причина  Но, повторно, набљудувањата ги отфрлија и овие теории како причина за темната енергија.

     Понатаму, теоријата на струните си има свои кандидати. Всушност, има неколку видови на теории на струни. Во нивните рамки, една е теоријата на (М)брани (има и ентитети како (D)брани, но доволно е комплициран постов и без нив, па ќе ги прескокнам). Најпросто, и се надевам најмалку збунувачко е објаснувањето дека нашиот универзум (со своите 4 димензии) е заглавен на една повеќе димензионална (М)брана (дводимензионална (М)брана е мембрана патем…) Постојат и други (М)брани со различни димензии, и дејствувањето на овие (М)брани со „внатрешноста“ на екстремно компликуваниот повеќедимензионален простор на кои што тие „се лизгаат“ е она што ние го доживуваме како темна енергија. Патем, струните постојат во тој хиперпростор, а кога тие ќе ја „пробијат“ нашата (М)брана, тие за нас се тогаш елементарните честички (електрони, кваркови… ). Во таа слика, сите ние сме поврзани со хиперпросторот преку секој атом од нас, а тоа важи и за сите објекти околу нас. И уште повеќе, можно е и причината за настанокот на универзумот да е само средба на две или повеќе од овие (М)брани. За жал, теоријата е компликувана, а набљудувањата сеуште не се во полза на оваа хипотеза.

     Понатаму, испробани се и други модели на полиња, можноста денешната темна енергија да е остаток од полето кое што ја предизвикало космичката инфлација (супербрзо ширење на простор – времето; нема врска со економија), и пак безуспешно. Изгледа дека треба повеќе напор. Проблемот на темната енергија е тежок. А постојат и други прашања. Што ако темната енергија не е константна? Постои можноста таа да се засилува со тек на времето. Веќе се знае дека првите нејзини ефекти почнале да се чувствуваат релативно скоро (во космички рамки земено). Зошто токму тогаш, толку блиску до сегашниот момент? И така натаму…

       Се недевам дека постов барем малку ви разјасни некои работи. А имам и друга намера. Да ви ја демонстрирам разликата помеѓу чистата наука и чистата религија. За религиозните луѓе, нема потреба да се поставуваат овие прашања. На крај, ако објаснувањето тешко ни оди, секогаш можеме да речеме дека причина е Бог. Но, како што објаснив погоре, М теоријата нема потреба од Бог. Универзумот е само последица на взаемно делување на структури. Ви се чини дека тоа е ладно, имперсонално. Јас не мислам така. Тоа е прекрасно. Математиката е ужасно тешка, но совладлива. Најпосле, не е никакво понижување за нас ако е тоа така. Можеби би се чувствувале осамени, лишени од смисла? Не гледам зошто тоа би било така. Ништо од погоре изнесеното не не прави помалку одговорни за нашите постапки. ниту би ни дало изговор да бидеме помалку човечни. Но, да се вратиме на почетокот…

     Иако видовме дека вистинските причини се сеуште скриени, нови инструменти веќе го набљудуваат небото или се подготвуваат за лансирање во вселената. WMAP3, SNAP, SDSS и многу луѓе заедно работат на откривање на причината. А таа е насекаде околу нас.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s