ТЕМНА ЕНЕРГИЈА

За разлика од темата на претходниот пост, темната енергија претставува ефект кој е воочлив само на многу поголеми (космолошки) растојанија. Како воопшто се откри дека овој ефект постои? Најпрво, треба да се објасни како се утврдуваат растојанијата помеѓу галактичките јата на пример. Астрономите имаат воспоставено еден вид на космичка скала на растојание. За секое карактеристично растојание се користат различни методи за мерење, но тие се надополнуваат помеѓу себе. На пример, за мерење на растојанието до најблиските ѕвезди може да се користи нивната паралакса. Потаму корисни се променливи пулсирачки ѕвезди поради тоа што точно се знае дека постои релација помеѓу нивниот период на промена на сјајот и нивниот реален сјај. Кога ќе се знае колку се тие навистина сјајни, и откако ќе ја измериме нивната релативна сјајност која ја гледаме на небото, можеме да утврдиме колку се далеку. На уште поголеми растојанија, може да го користиме сјајот на суперновите кои се големи ѕвездени експлозии. Ова е можно бидејќи знаеме колкав може да биде нивниот максимален апсолутен сјај. Понатаму, може да се користи сјајот на цели галаксии и така мерењето продолжува се подалеку и подалеку. Може да се користи и црвеното поместување на апсорпционите линии во спектрите на далечните галаксии. Според него можеме да измериме со колкава брзина тие се оддалечуваат од нас (поради ширењето на вселената), па користејќи го Хабловиот закон да утврдиме колку се далеку. Овие методи на мерење стануваат се понепрецизни како што се зголемуваат растојанијата кои се мерат. Првите докази за постоењето на темната енергија се појавија во 1998 година кога група на астрономи користеа супернови за да го определат нивното растојание од Земјата и брзината на ширење на вселената.

Бидејќи густината на вселената се смета дека е блиску до критичната, се очекуваше дека резултатот ќе покаже дека вселената се шири рамномерно, или дека можеби дури ќе има показатели дека забавува. Но, напротив, според резултатите на истражувањата се покажа дека ширењето се забрзува. Според тоа, постои нешто што дејствува на големи растојанија како сила на одбивање (антигравитација).

Овие збунувачки резултати предизвикаа сензација и се оживеа претпоставката на Ајнштајн кој во својата теорија на општа релативност ја воведе таканаречената космолошка константа (Λ). Таа претставуваше сила на одбивање која беше потребна за да и парира на гравитацијата за универзумот да биде статичен. Тогаш тоа беше решението на равенките на општата релативност кое Ајнштајн го бараше. Оттогаш, се напушти теоријата за статичност, па Хабл покажа дека вселената се шири. Но, сега санува очигледно дека таа забрзува во ширењето. Па, што претставува космолошката константа?

Актуелната теорија која најдобро ја објаснува вселената во глобала е општата теорија на релативноста. Според неа, било каква концентрација на енергија или материја (или заедно, бидејќи тие се еквивалентни) предизвикува (дефинира) соодветна метрика (искривување) на простор  – времето. Внимавајте дека велам на простор – времето. Според општата теорија, тие се нераскинливо поврзани, и всушност нашата перцепција дека се одделени е само наша перцепција и ништо повеќе  Ова искривување е она за кое што во секојдневниот говор велиме дека е гравитација. Во моментот сите ние се наоѓаме во искривеното простор – време околу нашата планета (предизвикано од нејзината маса) и тоа го чувствуваме како сила која не влече надолу.

Бидејќи секоја материја (обична или темна сеедно) предизвикува вакво искривување, резултатот е секогаш привлечна гравитациона сила. За да се добие одбивна сила (космолошка константа, „темна“ енергија) потребно е нешто друго. Што? Сега никој со сигурност не знае. најраспространето е мислењето дека ефектот се должи на енергија на вакуумот. Колку повеќе вселената се шири, толку повеќе простор, повеќе енергија, поголема сила, и ширењето се забрзува. Има и други теории кои зборуваат за други механизми. Една моја колешка на институтов го истражува токму овој проблем, но сеуште не кажала дека има некои големи новости

Кој е резултатот на сево ова? Ширењето забрзува, и забрзува, и некогаш во иднината, другите галактички јата ќе излезат од нашиот хоризонт на набљудување. Ќе остане само нашето јато, а  ако ширењето и понатаму забрзува, една по една и составните галаксии ќе се разделат една од друга, а потоа сончевите системи, атомите и елементарните честички ќе се раскинат, и …..

Или, ако се покаже дека овој ефект не е константен туку се менува, или дури и се претвори во привлечен, можни се секакви сценарија. Истражувањата продолжуваат. Светот е почудесен отколку што сме во состојба и да замислиме.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s