Синтеза на анализи

Да се пишува доволно брзо за да се коментираат тековните настани е невозможно, посебно во ситуација кога тековните настани се пуштени на fast forward, а ние живееме со нормална брзина. Или, живееме и ни треба време за анализа, а настаните кои се последица на трендот на акција без размислување си се нижат по некој нивен редослед. Чудно е тоа, што луѓето кои ги прават настаните, не се во состојба да ги апсорбираат.  Можеби затоа денешниве времиња се дефинираат како времиња на „брз живот“, брзи времиња.

Значи, во овој контекст, се обидувам да размислувам за настаните во Македонија. Само за најгласно „рекламираните“ настани, не може да се мисли за сите, премногу се. Предложениот проект за преуредување на центарот на Скопје. Лесно е да се загуби човек во шумата на спротиставени аргументи. Дали е правилно власта да сака да троши големи пари на центарот на Скопје, кога има поприоритетни проблеми? Зошто само Скопје? Од друга страна, може да се размислува и „сиво“. Да не се осудува целата замисла. Зошто да не се дискутира кои згради / споменици се пожелни. Зошто имаме навика се да прифаќаме или отфрламе во пакет?

И народот во Македонија не може да не се прекори. Во „демократски“ систем, народот си ја избрал власта. Значи, ако таа ги одразува желбите на мнозинството, нејзините предлози би требало да се прифатат. Или, нашата дефиниција за демократија е поинаква? Можеби тоа не е владеење според моќ дадена од принципот на мнозинство, туку демократија практицирана во „граѓанско општество“ каде секој има право да влијае на одлуките? Консензуалност за се? Тогаш, како ќе се носат одлуки? Многу прашања, а верувам дека бараме одговори на погрешно место.

Проблемите на Македонија се во суштина проблеми кои произлегуваат од (намерно или не) употреба на погрешни дефиниции. Или погрешна примена на концепти. Грешките се направени не од незнаење, туку од мотив на лична корист на оние кои ги граделе правилата.

Поинаку нема логика. Затоа што не е возможно да се дојде до оваа состојба никако поинаку, туку со намера. Примери има колку што ни душа сака. Самата државна организираност. Македонците се дезориентирани и се чувствуваат како малцинство во Македонија затоа што никој не им објаснил убаво дека Македонија се гради како држава на заедници, не како национална држава на Македонскиот народ. Како е можно овој апсурд да живее, е нејасно, но суштински е да се разбере. Дали ние се обидуваме да бидеме најдемократични или најграѓански? Како е можно Македонија да се (ре)дефинира како држава на заедници кога после студената војна сите околни држави во пакет со „капитализирањето“ си го јакнат и национализмот?

Понатаму, треба да сме начисто со нашите очекувања. Ние сме збунети помеѓу лево и десно. Десни влади водат десни, а не леви политики. Но, десни влади ако водат десни политики, не треба толку да се потресени со „меѓуетничките“ проблеми. Правата на малцинствата се гарантираат според меѓународни конвенции и толку. Во Македонија поради погрешните разбирања за тоа каква држава сакаат Македонците, секогаш се создава фама од националното.

Левиот идеал може да се оствари ако сите се претопиме во една држава (светска), зборуваме еден јазик (есперанто), и нашите култури ги оставиме во музеј и во историските читанки. Тогаш можеме да градиме супер модерни плоштади и да одиме кон иднината. Но, ако сме начисто дека градиме национална држава (како комшиите, а да не се лажеме и како цел свет, само што тие се посуптилни, а ние сме типично балкански директни), тогаш не може да се правиме дека сме шокирани од тоа што се случува. Македонската влада решила да изгради државнички плоштад со симболи на државната моќ. Кога американците го градеа капитол, и тие го сакаа тоа. Во ред, Македонија го прави тоа 200 години подоцна. Можеби сега и е времето, што со тоа.

Пример, ако се изградеа модернистички згради од стакло и челик, но на нив беше ѕвездата од Кутлеш, пак ќе имаше проблем. Ако не е тоа, тогаш е јазикот во училиштата. Ако не тоа… Поентата е дека Македонецот мора еднаш да се исправи и да реши дали гради своја (во секој смисол) држава. Ако е таа парадигмата која ќе се следи, да ја следиме. Оти, има показатели дека оспорувањето на Македонската државност ќе започне да се сваќа не како ненормална работа, туку како нужност, како обврска на сите оние кои му помагаат на Македонецот да се прилагоди на фактот дека Македонија не е онаа која мислевме дека започнуваме да ја градиме во 1991.

Ако не ја сакаме Босна за Македонска парадигма, мора што поскоро да им помогнеме на македонските граѓани од другите националности да ги сфатат овие прости примери. Македонците во Македонија мораат да проговорат. Сега се премногу разделени, преокупирани со се и сешто, од дрвата не ја гледаат шумата. Но, еднаш ќе мора да се разговара и за ова.

Мора да се расчисти дилемата дали кога македонски новинари ги бранат на пример албанските или бугарските позиции во Македонија со истата ако не и поголема жестокост од албанските интелектуалци во Македонија тоа го прават поради тоа што мислат дека таа не е доволно граѓанска? Ако да, дали мислат дека Албанија, Бугарија се пограѓански, подемократски? Ако одговорот е пак да, тогаш имаме проблем. Проблем поради тоа што има примери дека не е така; последниот пример е примерот со забраната да се учи Македонскиот јазик во Албанија. Ако одговорот е не, треба да ги замолиме конечно да бидат културни и да му дадат шанса на Македонското општество да заздрави, да стигне да биде рамо до рамо, со околината и светот, па тогаш да се почне со критикување.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s