СВЕТЛОСНО ЗАГАДУВАЊЕ

Многу малку се зборува за обој проблем, а не е ни чудно. Најзасегната група се астрономите (аматери но и професионалци) а со оглед на тоа што во Македонија мал е бројот на оние кои се интересираат  за (природните) науки, ретко кој пишува или зборува на оваа тема. Знам дека Скопското Астрономско Друштво редовно ја начнува темата но тоа има слаб одзив.

     За што всушност се работи? Под поимот светлосно загадување се подразбира светлина која се зрачи во небото, било директно (несоодветно дизајнирани светлосни извори) или преку рефлексија (осветлување на фасади, рекламни паноа). Оваа светлина понатаму се рефлектира од аеросолите во воздухот и се рассејува во сите правци. Па, ако некој го набљудува небото во близина на населено место, небото не е темно, туку може да се забележи светол фон. Појавата е најизразена блиску до населените места и загадувањето е поголемо блиску до големите урбани центри.

     Реакциите на луѓето се различни. Од целосно игнорирање, до блага заинтересираност која граничи со забава. Но, ова е сериозен проблем. Луѓето најчесто се против предложените решенија за намалување на светлосното загадување затоа што мислат дека тоа значи целосно исклучување на уличните светла и дека следствено улиците би станале небезбедни.

     Најпрво, може многу да се зборува за изместената психологија на граѓаните кои во манир на она познатото – ако не го гледаш не постои, не ги решаваат причините за насилството во градовите, туку инсистираат секој дел на градот да се осветли како да е ден со тоа надевајќи се дека престапниците ќе бидат понастрана. Вреди и да се напомене дека ние сеуште релативно малку знаеме за влијанието кое вештачките извори на светло го имаат врз квалитетот на животот и циркадијалните ритми на телото. Во големите градови практично и да нема вистинска ноќ. А таа му е потребна на човекот.

     Генерациите кои растат во град веќе и не го познаваат вистинското ноќно небо. Младите не ни знаат што е тоа млечен пат. Од големите градови може да се види само Месечината и големите планети. Од 2 – ра ѕвездена големина натаму (3, 4, 5, 6…), послабите ѕвезди еднноставно се „испрани“ од силниот градски небесен фон. Тоа значи дека астрономите треба да патуваат доста далеку за да можат да вршат мерења кои се научно корисни, а ако не се во можност, потребно е да се користат филтри со многу тесен пропусен опсег, кои се скапи и на крај елиминираат голем дел од спектарот што набљудувањата ги прави многу потешки.

     Треба да се земе во предвид и тоа дека многу животински видови се едноставно истерани од подрачјата околу градовите, посебно оние кои не го поднесуваат прекумерното осветлување ноќе. Човекот и на овој начин се оградува од природата. Тоа е многу опасно, затоа што се повеќе сфаќаме дека ние не сме исклучок, туку една нишка во таписеријата на животот. Ние не можеме да се изолираме и притоа да мислиме дека сме имуни на последиците од таа изолација.

     Решенијата на овој проблем се едноставни. Инсталирање на (улични) сијалични места кои целата светлина ја насочуваат кон улицата и намалување на нивната јачина. Поставување на извори на светлина кои зрачат во определени спектрални линии (на пример жолтите натриумови светилки). Апсолутно укинување на осветлени рекламни паноа и осветлени знаци на компании со преголема јачина. Укинување на (целосно бескорисното) осветлување на фасади со рефлексија. Може да се размислува за подискретни архитектонски решенија.

     Знаејќи дека луѓето никогаш не прифаќаат промени кои би им го нарушиле комфорот, или приходот (рекламите се извор на голема заработувачка иако се најглупавото нешто што постои заедно со целата фела на „маркетинг менаџери“ и слични фантазми) немам илузии дека и најдобронамерните предлози ќе бидат прифатени. Но, има и економски причини за спроведување на „светлосна деконтаминација“. Актуелна е енергетската криза. Наскоро, нема да може да се оправда прекумерното трошење на енергија за вака непродуктивни цели, или во најмала рака таа енергија ќе поскапи. На тој начин, астрономите ќе го добијат темното небо, но цената ќе биде преголема ако не се почне со навремено укажување и постепено подигање на свеста меѓу населението за овој само навидум маргинален проблем.

HB_Sule_pat.jpg

 

 

     Како илустрација на горната слика е прикажана фотографија на кометата Хејл – Боп при нејзиниот најголем сјај за време на преминот низ перихелот во 1997 година. Фотографијата ја направив блиску до Битола, а експозицијата е околу 20 секунди. Се забележува ефектот на светлосно загадување од големиот број на несоодветно поставени улични светилки, а во долниот лев агол може да се види е светла лента која всушност е патот Битола – Прилеп осветлен од светлата на автомобилите кои за тие 20 секунди поминале по него. Помислете на залудно потрошената енергија кога бескорисно се зрачи во небото. И замислете се како ова може да се промени, не поради астрономите, ако тоа не ве интересира, туку поради попрозаичниот мотив на заштеда.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s