ОГЛЕДАЛО

Застана пред киоскот. Мислите споро надоаѓаа во главата и пак се губеа пред да се сети што сакаше. “Десет грама, молам” – се слушна себеси. Продавачката беше млада исто како и тој, и со поглед изгубен во далечините исто како и неговиот, исто како и погледите на речиси сите луѓе. Таа го послужи, ги зеде парите што тој ги даде. “Благодарам” – нејзиниот глас звучеше далечно а и тој веќе се оддалечуваше.
     Веднаш зеде една доза. Чувството беше секогаш исто пријатно. Сега светот изгледаше поубав. Ако не е лаком, ќе потрае два дена пред да мора пак да купува. Застана да чека автобус, а на станицата многу луѓе. Некои ја пушеа а некои ја вбризгуваа истата материја што тој сега ја имаше во крвта. Сите изгледаа среќно. Патем, во градот немаше некој постар од 40 години. Момчето, се разбира никогаш го немаше забележано тоа. Едноставно, таков беше животот. Насекаде во светот е исто. Улиците беа прекриени со реклами за различните и префинети супстанции и новите методи за нивно користење кои беа се побезболни и постерилни. Огромни пари се вртеа тука. Автобусот веќе дојде. По кратко време, во малиот парк се беше тивко, а таму го чекаше таа, нервозно вдишувајќи опуштеност од едно мало шишенце. Разговорот беше краток, тој ги кажа своите причини, таа го исслуша, се согласи дека не е интересно тоа што се заедно и дека е време да се разделат. И, се разделија, знаејќи дека веќе нема да се видат. Сепак, животот е краток, и тие со своите дваесет и пет години веќе беа речиси при крај. Нејзиниот мирис уште малку беше во воздухот околу него, тој не чувствуваше многу, само леснотија, но сепак вбризга уште една доза; мразеше да пуши цигари и ги презираше оние кои заради мода на таков начин земаа од “волшепството”.
     Другарите го чекаа на старото место. Ова беа оние кои останаа. Некои имаа семејства подолго време. Во друштвото имаше еден или двајца кои не замаа дози и имаа смешни идеи дека тие го скратувале животот (навистина, колку повеќе од 40 или 45 години човек би можел да живее, а страшно е и да се помисли на стареењето на телото кое за среќа никој не го доживуваше). Тој не мислеше многу за долговечноста (градот е доволно загаден па и без дозите се е исто), туку на претстојната забава кон која се беа упатиле.
     Утредента со новата девојка се шеташе низ градот. Денот беше сончев со сосема малку чад во воздухот. Во овој момент таа му беше доволна покрај него. Бесцелно лутајќи, погледите им запреа на огромното рекламно пано на кое имаше слика од луѓе кои се забавуваат, а до нив: ЖИВОТОТ Е УБАВ. НИКОТИН? НЕ, БЛАГОДАРАМ. И на двајцата им беше мило што нивната влада која се грижи за нив започнала една ваква хумана акција. Грозно, кој би можел да пуши тутун?! Мислата не се задржа долго во нивните глави; усните им се споија, сакајќи да го растегнат мигот во бескрај и уште еднаш да се обидат да ја почувствуваат вечноста.
Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s