МОРИС

Морис го запознав на една неформална забава која ја организираше колешка од факултетот за лингвистика. Таму беше дошол со своите другари од Бурунди. Морис е од Руанда. После запознавањето и муабет за сличноста на јазиците меѓу Бурунди и Руанда (кои испадна дека се слични како и Македонскиот и Бугарскиот на пример), јас му реков дека за жал за неговата земја имам негативна представа, која е поттикната од фактот што кога ќе се спомене Руанда, моментална асоцијација ми е геноцидот кој се случи таму во 1994 година кога околу 800 000 припадници на племето Тутси беа масакрирани од припадници на племето Хуту. Морис се насмеа и рече дека тој бил таму во тоа време, па ако сакам може да ми раскаже што тој доживеал. Зошто да не, реков. Еве што ми раскажа Морис…

 

“Заедно со фамилијата после првите немири заминавме кај нашите роднини во Бурунди. Откако поминаа неколку недели, вујко ми рече дека сака да се врати назад, затоа што нема повеќе насилства, па му рече на татко ми дека дека јас или брат ми можеме да одиме со него. Јас имав 12 години, брат ми беше малку постар. Брат ми не сакаше да оди, бидејќи имаше натпревар во фудбал, па јас се согласив да одам со вујко ми и вујна ми. Се вративме во нашиот град и бевме во нашата куќа кога започнаа нападите на Хуту милицијата. Подоцна ми стана јасно дека тоа беше почетокот на геноцидот. Дојдоа во куќата со листи на кои беа имињата на сите кои живеат во квартот. Јас се скрив на покривот, а бидејќи немав лична карта (бев мал) се спасив. Кога ги видоа вујко ми и вујна ми, им побараа лични карти, на кои пишуваше дека се Тутси. Ги убија веднаш, а јас гледав. Потоа, почекав да се стемни, па отидов во (католичката) црква. Таму се беа собрале околу 3000 луѓе. Свештеникот не заклучи во црквата, а потоа отиде да ја повика милицијата. Ја опколија црквата, а и свештеникот имаше пиштол. Луѓето во очај, се обидуваа да ги запрат оние од надвор кои сакаа да ја срушат вратата. Еден Хуту однадвор фрли граната преку процеп над вратата. При експлозијата, жената која стоеше пред мене падна врз мене и ме прекри. Јас се онесвестив, а оние од надвор влегоа и започнаа со убивање. Кога се освестив, сакав да излезам оттаму, но уште еден преживеан со слаб глас ми довикна да чекам. После два дена излегов од црквата и започнав да се движам. Не знаев каде одам. Патував навечер, а Хуту имаше насекаде. Правило беше дека ако си дете или маж, веднаш те убиваат. Ако немаш документи, се загледуваа во носот. Ако проценеа дека носот ти е сплеснат, тогаш си Тутси, и те убиваа. Морав да се кријам во масовните гробови, затоа што проценив дека таму никој нема да бара. Добро беше кога телата беа свежи. После одредено време, поради дождот и сонцето започнуваа да се распаѓаат; тогаш морав да одам понатаму. Додека така се криев во една гробница, видов како Хуту милицијата силува и бремени жени, а потоа им ги вадеа бебињата и ги нижеа на прачка која поминуваше низ вратот на секое бебе. Потоа ги оставаа како знак за другите Тутси кои сеуште беа живи. После одредено време налетав на војници на една афричка мисија, кои иако сеуште се бореа во обид да воспостават ред, ме зедоа со нив. Така преживеав, а после неколку недели се вратив кај моите во Бурунди.”

 

Се обидував да не размислувам за она што го слушнав веднаш, туку го прашав за историјата, ме интересираше како можат луѓе да се натераат да убиваат луѓе на тој начин. Она што го слушнав беше многу интересно.

 

“Одамна, пред белите колонизатори да дојдат во нашите краишта, поделбата на Хуту и Тутси постоеше. Но, тоа беше како класен систем. Ако си богат, тогаш си Тутси. Ако си сиромав, тогаш си Хуту. Ако се збогатиш, од Хуту преминуваш во Тутси, и обратно. Се беше во ред. Тогаш дојдоа Германците. Тие во главно се интересираа за дијамантите и други суровини. Се задржаа кратко, а потоа дојдоа Белгијците. Тие сакаа да владеат, но им пречеше единството на населението. Ја донесоа и католичката вера, и секој мораше да оди во црква. Ја применија филозофијата дека за да се владее, најпрво треба да се раздели народот. Како и секаде, богатите беа малцинство, и колонизаторите го укинаа преминот од една во друга класа. Повеќе не можеше да бидеш Хуту, па да преминеш во Тутси, ни обратно. Сега се раѓаш и цел живот остануваш или Хуту, или Тутси. Паралелно со експлоатацијата на земјата, децата Хуту одеа на училиште во црква а таму се учеа дека Тутси се странци, дека не се толку црни како вистинските Хуту, и дека доаѓаат од Абисинија (Египет). Беше во ред да ги мразиш. Во 1994 наеднаш беше вистинскиот момент да почне пресметката. Ќе се зачудиш што се се во состојба да направат луѓето ако им ветиш дека откако ќе убијат некој, ќе може да го земат целиот негов имот. Геноцидот во Руанда беше рекордно брз. Близу 1 милион луѓе се убиени за околу 2 недели. Ефикасно. Некои од Тутсите и сакаа да умрат, затоа што не сакаа да заминат од своите домови, не сакаа вечно да бегаат, па едноставно се препуштија на судбината. По геноцидот дојдоа болестите. Во бегалските кампови се појавија ебола, колера…”

 

Се интересирам дали е можно помирување.

 

“Не. Барем не дури нашава генерација е жива. Кога се вратив на училиште после се, заедно со другите Хуту деца, ме гледаа со омраза. Тутси се змии, на змии треба да им ја смачкаш главата, не да живееш со нив…”

 

Му расправам дека во истото тоа време, далеку од таму на едно место што се вика Босна, се случуваше нешто многу слично. Потоа беше Косово, па за малку ќе беше и Македонија…

 

Си пиеме од пивото и се смееме на глупоста. Морис е сега доктор и чека да види дали неговиот истражувачки проект ќе се прифати, па можеби ќе започне магистерски студии тука. Но, сака да се врати назад во Руанда, и како што вели тој, сака да им помага на луѓето, а додека ги лечи, да им раскажува за човечката природа, и да превенира она што го доживеа тој да го доживеат некои други деца во иднина.

 

Морис, му велам, ако луѓе тоа го правеле за пари и од омраза, што би можело да се случи ако некогаш не погоди вистинска криза, како глобален глад на пример? Одговорот го предпоставуваме и двајцата, но никој не изустува ништо. Дознавам и дека црквата се оградила од одговорност тврдејќи дека таа не може да е одговорна за постапките на некои луѓе…

 

Чудно… после муабетот, сега кога ќе се спомене Руанда, првата асоцојација не ми е геноцидот, туку Морис и неговата насмевка. Неговата одлучност и успехот се што доживеал да остави колку што може зад него, и да биде доктор кој ќе им помага на луѓето. А токму тој би имал многу причини да мрази и да се одмаздува…

 

Не тврдам дека ова е универзална вистина за она што се случувало таму. Ова е само транскрипт на разговор.

 

Дали ние на Балканот можеме да научиме некоја лекција од нашите браќа во Африка? Можеби некој ќе рече дека тоа се само црнци а ние сме далеку поцивилизирани? Мислите дека навистина е така? Ете, се споменуваат пак истории, се потсетува на пролеана крв како изговор да се лее уште? Се игра со оган покрај бензинот на човечките сеуште нескротени животински страсти и национализми…

 

Јас пак се враќам над книгите и учам за ѕвезди, галаксии и такви нешта… Земјата е едно зрно прав во мојата тетратка кога ги пресметувам тие немерливи пространства. А сепак, толку поделби, омраза… Сите сме ѕвезден прав на крај.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s