Македонска астрономска опсерваторија

Конечно. Првпат во историјата на постоењето на Македонците сериозно се зборува за градење на професионална, официјална астрономска опсерваторија во Македонија. Според информациите, би се градела на планината Плачковица, во рамките на проектот за геомагнетната опсерваторија за која иницијатива дал универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, тоест факултетот за природни и технички науки, катедра за геологија и геофизика.

Plachkovica

Лично, бев сведок на покренувањето и пропаѓањето на иницијативите за градба на неколку опсерватории во Македонија. Искрено се надевам дека македонската приказна за делби и ставање сопки нема да се повтори и овој пат. Во духот на добронамерна критика, ќе дадам неколку забелешки. Најпрво, иако имав некои рани известувања за овој проект, морам да признаам дека објавата ме затече неспремен. Од тоа што го слушнав како вест, имам само повеќе прашања, и не се чувствувам информиран. Дали е тоа грешка на новинарите, или на оние кои ги давале информациите, не знам.

Така, ќе си дозволам да прашам, според кои критериуми е избрано местото. Веста вели експерти го избрале. Кои се тие експерти и кои се нивните квалификации? Дали е ова местото кое избило на врвот на листата на места кандидати? Ако е така, дали може да ја видиме листата и критериумите на рангирање? Не фаворизирам ниедно место, само сакам да видам како бил направен изборот. Понатаму, веста вели дека инвестицијата ќе била два милиони евра (во Македонија наеднаш за чиста наука никогаш не биле потрошени толку средства). Но нејасно е дали тоа се пари само за астрономската опсерваторија или комбинирано за целиот комплекс на астрономската и геомагнетната опсерваторија. Уште повеќе, која е финансиската конструкција за работењето? Дали се планира соодветен буџет за одржување / развој? Нема да биде прв пат да се гради нешто, а потоа да се остави да пропаѓа.

Какви инструменти се планираат? Само еден голем телескоп или еден среден и еден помал? Дали еден би бил истражувачки инструмент и еден за вежби за студентите? Каква придружна опрема се планира и дали се планира опсерваторијата да се фокусира на определена област. Ова би било пожелно ако сакаме да сме конкурентни во регионални рамки. Дали ќе се соработува со други институции од странство и како? Имаме ли и дали планираме во Македонија да имаме соодветен кадар?

Симптоматично е што никаде не е споменат институтот по физика од ПМФ од Скопје. Дали тоа значи дека не е вклучен во проектов? Ако е така, тоа е невиден апсурд. Дали тоа значи ривалство од старт во наука која во Македонија е непостоечка? Треба ли таков однос?

Kupola_i_nebo

Споменато беше и дека локацијата е блиску до планинското одморалиште. За геомагнетна опсерваторија тоа не е проблем, ама за (оптичка) астрономска опсерваторија и тоа како е проблем поради светлосното загадување. Дали ќе се преземат зафати на постојните објекти за да се минимизираат несаканите ефекти? Доколку би ја знаел програмата на набљудување не би прашувал. Сигурно дека ако инструментот е фотометар помалку е ова битно отколку ако се фотографираат галаксии на пример.

Честитки за иницијативата. Се надевам дека ќе се реализира најбргу што може, крајно време е. И се надевам дека јавноста ќе биде соодветно информирана. Засега остануваат само прашања.

Малку настрана од темава, морам да забележам дека сум многу пријатно изненадех од страницата на мрежата на универзитетот од Штип. Споредбата со УКИМ од Скопје е поразителна. Дали тоа значи дека традициите не се негуваат и дека во Македонија само кога се почнува од почеток се почнува добро? Или пак е ова само блесок на почетокот, а потоа… Прашања, прашања…

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s