Магла околу Кокино

По којзнае кој пат си пишувам за Кокино и којзнае, можеби ќе допрам до свеста на тие што ќе прочитаат за конечно да се почне со мислење а не со некритично прифаќање на „факти“. Ме поттикна најновиот напис во „Нова Македонија“ од 6 септември 2012.

Накратко: Р. Македонија поднесе барање до ICOMOS, за Кокино да се впише во листата на светско културно наследство како мегалитска (архео-астрономска) опсерваторија. Барањето е поткрепено со образложение базирано на извршени теренски истражувања.

ICOMOS на одржаниот состанок во Петроград го одбива барањето, и во опширен извештај наведува дека методите користени во презентираните теренски истражувања се застарени, дека не е докажано оти Кокино е опсерваторија, дека несоодветно се менаџира со него, дека… поопширно пишував за тоа во претходниот пост. Кој сака, нека чита (почнувајќи од страна 262).

И, наместо луѓето кои се одговорни за нестручната подготовка на барањето да се позамислат и извлечат поука од ова (најмалку што може да се бара од нив), тие без пардон изјавуваат нешта како (цитати извадени од веста во НМ):

НМ: „- ИКОМОС не утврдува дали Кокино е мегалитска опсерваторија или не, но бара темелни докази и тврдења дека тоа е така. Оценивме дека во нашата номинација не се презентирани сите потребни елементи и поради тоа во оваа фаза е подобро Кокино да не се впишува во листата на светското културно наследство на УНЕСКО. За идната номинација бараме дополнителни податоци од Министерството за култура и од Управата за заштита на културно наследство, кои стојат зад номинацијата – вели Зоран Павлов, претседател на Националниот комитет на ИКОМОС.“

– Чиста невистина. Од извештајот на ICOMOS јасно може да се види и прочита дека ICOMOS баш одлучил дека Кокино моментално не може да се смета за опсерваторија (не е ни мегалитски локалитет, а луѓето упорно го туркаат и тоа, ама нема врска, нели). И внимавајте, сме имале национален комитет на ICOMOS кој очигледно ич не се грижи за професионалност и ниво, па наместо да читаат што им пишува „централата“, и понатаму се залажуваат дека тие решиле Кокино да не се впишува во листата на светско културно наследство. Потоп. Ништо не сте решиле вие, туку јасно стои дека ICOMOS решил оти не ви го бива барањето. Аман веќе.

НМ: „Тој додава дека во консултации со УНЕСКО одлучиле да ја повлечат номинацијата…“

– Јас никаде не видов повлечена номинација, туку видов извештај на ICOMOS кој се базира на расправа по номинација и кој заклучува дека номинацијата е слаба.

НМ: „Тој вели дека експертизата за следната номинација ќе ја вршат врвни домашни и странски експерти од различни области.“

– Супер. Од кои области? Оти во извештајот на ICOMOS пишува дека во номинацијата на Р. Македонија е наведено оти таа располага со 6 архео астрономи базирани во Куманово и 2 во Скопје. Молам?! Толку архео астрономи нема во светски рамки. Само да не бидат врвни експертиве како што се врвни и бројкиве истресени од ракав.

НМ: „Според археологот Јовица Станковски, директор на Музејот-Куманово, човекот што практично го „откри“ Кокино, воопшто не е спорна научната аргументација за Кокино како мегалитска опсерваторија, туку повеќе станува збор за технички пропусти на локалитетот.

Тој истакнува дека Кокино досега го истражувале повеќе светски врвни астрономи што утврдиле дека Кокино е магелитска опсерваторија.“

– Воопшто не е спорна научната аргументација?! Па во извештајот на ICOMOS во кој СЕ ОДБИВА номинацијата на Кокино ЈАСНО СЕ ВЕЛИ дека според презентираните докази за Кокино НЕ Е ДОКАЖАНО дека е опсерваторија, а не е ни мегалитски локалитет. Дали читаме ист извештај?!

Би било добро врвните експерти да понудат докази барем за мегалитскиот карактер на Кокино.

НМ: „Археолошкиот локалитет Кокино е пронајден во 2001 година. Медиумската фама за Кокино како мегалитска опсерваторија почна од 2005 година наваму, по еден проект на НАСА насловен „Тајмлес нолиџ“. Нашиот локалитет беше вброен помеѓу неколку други веќе научно интерпретирани стари опсерватории од рангот на Стоунхенџ (Велика Британија), Абу Симбел (Египет), Анкор Ват (Камбоџа), Мачу Пикчу (Перу) и други. Овој проект на НАСА беше поводот што го иницираше медиумскиот интерес за опсерваторијата, пред таа да биде докажана и одбранета пред домашната и светската јавност со издржани научни трудови.“

Точно. Медиумска фама иницирана од еден обичен ПОСТЕР кој го изработила канцеларија во ЕДЕН од центрите на НАСА.

НАСА, која не е квалификувана како таква да кажува дали нешто е архео астрономски локалитет, посебно не на постер кој не е авторски потпишан. На страна три од постерот се гледа дека наведените локалитети се нафрлани по случаен избор, а Кокино е вклучено кога авторот (најверојатно) го прочитал еден од трудовите во кои Кокино се промовира како архео астрономски локалитет. Труд кој ICOMOS го оценил како несоодветен, оценка која ја донеле поголеми експерти од авторот на постерот на НАСА.

Пак се покажува дека страдаме од НЕКРИТИЧНОСТ во мислењето. Ако НАСА така рекла, па ајде тогаш да дигаме џева, да поднесуваме номинации врз основа на недоволно истражени наводи. Исто како и во други важни моменти, талкаме во матно. Некој рекол треба да се оди во ЕУ, одиме. Во НАТО, веднаш одиме… Без размислување, без план. Ова зборува и за професионализмот и културата која владее помеѓу научниците во Македонија. Никогаш да не се признае дека можеби она што се работи не соодветствува со фактите. Ако има дискрепанца, толку полошо за фактите…

Секако, медиумите ретко се извинуваат, експертите уште поретко, караванот си врви. Да бидеме начисто, не спорам дека Кокино е археолошки локалитет, тоа е докажано. Дека е опсерваторија НЕ Е ДОКАЖАНО, а сите се „уфилмаа“. И, тоа е тоа.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s