Кокино, ICOMOS и научниот метод

За археолошкиот локалитет познат како Кокино е пишувано подоста низ мрежата, посебно низ нејзиниот „македонски дел“. Иако е укажувано дека требаат дополнителни истражувања пред да се донесе заклучок дека локалитетот е мегалитска опсерваторија, сепак тој беше несебично промовиран како таков во Македонија и надвор од неа. Како резултат на еуфоричната промоција, некои луѓе на позиција во Македонија започнаа да веруваат дека приказната, а не научните докази се доволни за да Кокино се кандидира да биде впишано во листата на светско културно наследство. ICOMOS, телото одговорно за ова, неодамна одржа конференција во Санкт Претерсбург на која биле донесени неколку заклучоци во врска со поднесениот предлог од страна на Македонија. Предлогот е одбиен. Се решив да цитирам извадоци од официјалниот извештај, за да видиме зошто.

„1. Компаративна анализа:

ICOMOS е на мислење дека компаративната анализа [споредба со други слични локалитети] не го оправдува разгледувањето на овој локалитет за вклучување во листата на светско културно наследство.

2. Целовитост и автентичност

ICOMOS е на мислење дека условите за целовитост и автентичност не се исполнети.

3. Критериуми според кои е предложено запишувањето [културни критериуми]

ICOMOS е на мислење дека овие критериуми не се исполнети.

ICOMOS не смета дека критериумите и исклучителната универзална вредност се исполнети.

4. Фактори кои влијаат на локалитетот.

ICOMOS смета дека најважната закана кон локалитетот потекнува од целосно слободни и неконтролирани туристички посети.

5. Граници

ICOMOS смета дека предложените граници на локалитетот се адекватни, но дека е потребно зголемување на тампон зоната околу локалитетот.

6. Заштита

ICOMOS смета дека воспоставената правна заштита е доволна, но дека засилување на заштитата на околината на локалитетот би била од корист, посебно проширување на тампон зоната околу локалитетот.

7. Конзервација

ICOMOS препорачува воспоставување на програма за конзервација, која би требало да вклучува систематски описен попис на локалитетот, подетална анализа на заканите за конзервација на секоја од компонентите на локалитетот и политика на надзор. Би било корисно да се посвети внимание на влијанието на туризмот како и на еколошката конзервација и конзервацијата на околината на локалитетот.

8. Управување

ICOMOS предлага воспоставување на ефективен систем на управување и на надзорно тело, како и развој на план за управување.

9. Надзор

ICOMOS препорачува дека треба да се дефинира автентичен надзорен систем, и да се назначат лица кои ќе бидат одговорни за нејзино спроведување. Надзорот не е исто што и истражување, и како почетна точка бара составување на детален описен попис на локалитетот.

10. Заклучок

ICOMOS е на мислење дека локалитетот кај Кокино е значаен и добро зачуван пример на висинско светилиште користено во бронзениот период. Врз оваа основа, неспорно е дека е од голема национална и регионална важност. Природниот локалитет исто така дава можност за архео астрономски набљудувања, и хипотезата дека бил користен од страна на луѓето од бронзеното време за таа намена е разумна. Меѓутоа, не е понуден ниту еден археолошки доказ за трајно астрономско користење, базиран врз специјализирано знаење на астрономи – свештеници, директно поврзани со ритуали и култови на светилиштето. Ова се интерпретативни хипотези засновани на парадигми кои биле прифатени во минатото [!] но на кои денес помалку им се верува поради понови меѓународни архео – астрономски истражувања. Исклучителната универзална вредност која се претпоставува во предлогот не е демонстрирана, и локалитетот не ги исполнува предложените критериуми.

Во овој момент не постои јасно дефинирана политика на конзервација и управување на локалитетот и не постои дури ни одговорно тело задолжено за целокупното управување со локалитетот. И додека планот за управување ги зема во предвид потенцијалните проблеми на локалитетот и неговата конзервација, самиот план е само искажување на намера, но не и конкретен чекор.

ICOMOS смета дека е од особена важност да се усвои меѓународен пристап во проучувањето на овој локалитет, според современите стандарди на архео астрономијата кои се поставени од страна на IAU [Меѓународната Астрономска Унија] и ICOMOS.

ICOMOS препорачува архео -астрономскиот локалитет „Кокино“, Република Македонија, да не се запише во светската листа на културно наследство.“

Уверен сум дека секој кој ќе го прочита извештајот во целост, ќе сфати каква грешка е направена со поднесувањето на оваа кандидатура. Вакви работи не смее да се случуваат во иднина, посебно не на државно ниво. Мене посебно во очи ми падна фактот дека во предлогот до ICOMOS е наведено дека во скопје и Куманово има експерти по архео астрономија, вкупно 8 (осум) [!]. Како е ова можно, а во исто време изготвен е сосема лош предлог? Кои се нивните квалификации, експертиза? Кои други архео астрономски локалитети во светот ги истражувале и каде се објавените трудови во списанија со импакт фактор?

Advertisements

One response to “Кокино, ICOMOS и научниот метод

  1. Pingback: Како ICOMOS му помогна на UNESCO да го потемни сјајот на нашето Кокино

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s