Излажани во Лажец

Можам да се обложам дека малкумина од блогерајов се запознати со една бизарна ситуација која се случува во битолското село Лажец. Имено, во селото живее население од мешан етнички и религиозен состав. Македонци – христијани и македонски  Албанци – муслимани. Подолго време македонските Албанци сакале да изградат џамија во селото. Македонците не се противеле на ова, и останало да се избере локација за градба.

Проблемот настанува кога локацијата е добиена. Некој (не се знае точно кој) решил дека е сосема нормално џамијата да се гради на влезот од селото, во непосредна близина на куќите на Македонците – христијани. Нормално, жителите Македонци не се задоволни. По повеќемесечни лакрдии, конечно пред неколку дена одлуката за локацијата стигнува на гласање пред советот на општина Битола и е усвоена со акламација, иако во тој момент засегнатите и незадоволни Македонци се пред и во зградата на општината и протестираат против оваа одлука која е надвор од секоја логика. Тие предлагаат џамијата да се гради на сред село до селската црква, и уште додаваат дека нивните соселани (македонските Албанци) немаат ништо против тоа. Советниците, во манир на ревносни бирократи „ич мува не ги лази“, и гласаат како што кажав погоре. Се прашувам, кој е тука луд?

Испровоцирани од оваа одлука, селаните Македонци решаваат да го искажат своето незадоволство така што во знак на протест нема да ги пуштат своите деца на училиште на 1 Септември. Но, и после тој чин, ништо не се случува, никој од власта не ги посетува, а единствена заинтересирана организација која разговарала со нив е внимавајте… ОБСЕ (!). Деновиве, селаните Македонци излегуваат во јавноста со изјава дека ќе ги пратат своите деца во Лерин, Грција, да учат во грчко училиште, затоа што чувствуваат дека државата ги игнорира. Во изјавата дадена за медиумите, дури и го користат грчкото име за Лерин (Флорина) како конечен акт на немоќ и порака до институциите.

Испровоциран од настаниве, почнав да си поставувам некои прашања. Очигледно дека последната изјава на селаните Македонци е обид за провокација и можам да кажам дека до некаде ги разбирам. Она што не можам да го разберам, се следниве нешта. Дури и дилетант во политика би можел да процени какви последици ќе има ваквата одлука на советот на општина Битола. Како е возможно (претпоставено) умните советници да прават вакви грешки? Изговорот дека е превид не би можел да помине, најверојатно е дека се работи за крајна незаинтересираност, глупост, или умисла. Но, кој е тој што може до толку да влијае на советниците? Матичните партии ја кројат локалната политика? Ако е така, на чија страна се партиите? На страна на државата и граѓаните, или работат за некои центри на моќ? Или, навистина гајле не им е за ништо.

Понатаму, ако македонските Албанци кои живеат во селото навистина немаат проблем со предложената локација на средсело, зошто не бидат малку проактивни и сами не ја запрат градбата? Логиката налага дека нив повеќе би им одговарала џамија поблиску до нивните живеалишта. Но, не пуштаат глас, како однекаде да им е наложено да молчат, или како некој да сака прво нешто што патникот – намерник ќе здогледа кога ќе доаѓа во селото да е џамијата. Не сакам да бидам злонамерен, ама ако некој молчи, тогаш имаме право да шпекулираме.

Реков дека ги разбирам селаните Македонци, ама не можам да ги оправдам. Нели градиме демократија, ама штом нешто ќе запне, веднаш бојкоти на настава. Возрасните сигурно можат да најдат и други начини на протест. Ако увиделе дека локалната власт не ги сака, дека на централната не и е гајле, треба да знаат доволно за демократијата па да најдат други канали на притисок. Протести во Битола, граѓанска непослушност (неплаќање сметки, даноци, итн.), поуспешно лобирање, контакт со медиумите и обид да се демаскира кој стои позади оваа чудна одлука. Кога го слушнав нивнот последен предлог за праќање на децата во Грција, како да се вратив назад на почетокот на 20 – тиот век. Пак Македонците наместо да се борат, се обраќаат до Егзархијата. Само што сега за да апсурдот биде поголем, непријателот сега е сопствената Македонска држава. Или, на Македонската држава повеќе не и е гајле за Македонците, оти не е Македонска, туку „рамковна“? Колку да им е тешко или да се понижени, последно нешто што би требало да прават е ваква перфидна игра со сопствената државност. Каков е тој менталитет, кога толку малку треба за со леснотија да се изјави дека „поарно е децата да научат на грчки дека еден и еден се два отколку на македонски дека еден и еден се нула“. Продолжување на логиката дека сосема е во ред да се пријавам за Бугарско државјанство оти сакам да возам помалку стара кола, или оти сакам побрзо да работам во ЕУ.

Се надевам дека после оваа изјава институциите ќе им помогнат на луѓево, оти така обично бидува во Македонија. Се помага само после бомбастични вести, се реагира секогаш пост фестум. Ама поарно и така, отколку да дозволиме ОБСЕ да ни ги решава проблемите, оти знаеме џанам, на која страна трга таа организација.
Дополнување: апсурд до апсурд. Игрите продолжуваат…

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s