ЗОШТО НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Многупати ми го имаат поставено прашањето која е целта на научната фантастика како литературен жанр. Ме имаат прашувано и дали таа треба да се нарекува литературен жанр. И додека во огромен дел од светот ваквите прашања се одамна разрешени, како и во многу други области, кај нас во Македонија доаѓа времето кога треба да се зафатиме со “проблемот” на објаснувањето. Да започнеме.

 

Мислам дека најпрво треба да ги разграничиме поимите “научна” и “фантастика”. Поимот фантастика е поопшт. Тука спаѓа творештво кое на фантазијата на авторот  и’ дава најголема слобода. На пример, фантастични се делата на Толкин. Меѓутоа, ако авторот се обидува да напише дело од областа на научната фантастика, можностите се стеснуваат. За тоа дело да биде “научно”, а сепак “фантастично”, авторот мора да има познавање на тековната наука, понекогаш многу длабоко, а сепак да има способност да екстраполира, предвидува и укажува на дотогаш несогледани последици и ситуации. Некои теоретичари на научната фантастика велат дека таа најчесто се труди да превенира определени состојби кои би можеле да се појават со несоодветна примена на науката, односно да укаже на нив. Писателите на научната фантастика имаат покомплексна задача од “обичните” писатели. Ако сакаат да бидат добри, тие мора да ја имаат неопходната ерудиција, да владеат одлично со дејството, да имаат способност да го доловат моментот, но во исто време и да ги разрешат конфликтите со кои ги соочуваат ликовите во рамките на жанрот. За да ликовите имаат живот, НФ писателот мора да е и психолог, да владее со течното раскажување. Сите овие особини може да се најдат во творештвото на врвните мајстори на жанрот. Не смее да се заборави и тоа дека можностите за заплет во НФ жанрот се поголеми од класичните, а јунаците се соочени со далеку покомплексни ситуации. Етичката димензија е секогаш присутна, при што авторот мора да донесува етички и морални судови во извонредно тешки услови кои во “нормалната” литература не постаојат. На пример, дали е возможен единствен етички критериум во случај на средба помеѓу две целосно различни вонземни раси?

 

Поради ова сметам дека не само што научната фантастика е посебен жанр, туку е и покомплициран и “потежок” за работа од класичните.

 

За да расправаме за научната фантастика, не смееме да пропуштиме и да ја поставиме во нејзиниот контекст. Имено, како и секој литературен вид, и таа има причини за своето појавување, своја публика на која и се обраќа. Пред времето на технолошката и научна револуција, да се пишува НФ  едноставно би било невозможно. Некои велат дека  првите научнофантастични дела се раскази на Леонардо од Винчи или “Сомниум” на Јохан Кеплер. Не треба да не чуди тоа што и двајцата се научници и што живеат во време на научно – технички револуции. Во секој случај, добар НФ писател или живее во научно наклонето време или е пред своето време (случај со Леонардо, и во помала мерка со Жил Верн). Експлозијата на жанрот во почетокот на 20 – тиот век само потврдува дека НФ е и предвесник на голем технолошки развој. Но таа најчесто и критикува, коригира и укажува на секогаш присутната слабост на човечкиот дух да ги контролира силите кои што науката му ги става на располагање. Односно, вечното прашање: малкутемина генијални умови кои што откриле нешто се способни да се носат со тоа знаење; штом знаењето излезе од лабораториите, почнуваат проблемите – остатокот од луѓето не се она што би требало да бидат. Научната фантастика служи и како соодветен вид на реклама за науката. Таа им помага на пошироки слоеви од населението да ја сфатат и прифатат науката. На пример, постои верување дека освојувањето на Месечината не би можело да се оствари, ако јавноста во земјите кои што тоа го направија не била подготвувана преку НФ жанрот да ја осознае ползата од целата вселенска програма. Секако дека оваа подготовка била спонтана уште од 30 – тите години на 20 – тиот век, кога луѓето започнуваат да се интересираат за НФ во поголем број.

 

Фрапантно е како интелектуалците и политичарите (за овие вторите помалку не изненадува) не ја сфаќаат поврзаноста помеѓу читањето на научна фантастика и развојот на науката и техниката во една земја. НФ е книжевен жанр на научниците, сегашни и идни. Со неговото претварање во стереотип, означување како несериозен, не само што се открива глупоста на оние кои што зборуваат така, туку и се поништуваат сите јавни заложби за развивање на општество основано на знаењето. Ако сакаме Македонија да се приклучи кон светот врз основа на натпревар со знаење, се почнува меѓу другото и на овој начин. Жалосно е што ова сеуште не се сфака од структурите кои ја изготвуваат стратегијата за научен развој  (ако воопшто такво нешто се прави).

 

Во одбрана на заслуженото место на научната фантастика во литературата може уште многу да се зборува. Таа имала свои подеми и падови, свои изобличувања од страна на масовните машинерии за забава, но опстанувала. Кога во својата најчиста форма ќе се развие до големи размери, тоа е сигурен знак дека заедницата каде што тоа се случува не само што е научна и технолошка, туку и етична и одговорна во примената на науката. А тоа е најважно. Што  се однесува до ситуацијата во Македонија, таа не е ни малку розова.  Најактивно  НФ се промовираше во Велес колку што ми е мене познато, каде што се издаваше и списание со  НФ тематика. Издаден е само еден НФ роман на македонски за кој сум запознат. “Кристалната планета“. Авторката беше млада колку  што се сеќавам , но што се случи со неа и дали сеуште твори, не знам. Се обидовме и во Битола да покренеме НФ фанзин, но тој дојде само до фазата на припрема за печатење, и никогаш не се испечати. Ако сакаме да земеме пример како се прави ова, не треба да се гледа многу далеку. Во Хрватска има многу развиена НФ сцена (SFERA) која е остаток од движењето кое беше многу активно во времето на Југославија, но кое денес има и свој подмладок. Постов е напишан како укажување и промислување и на овој  дел од живеењето денес во Македонија.

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s