Демо-кратија и човекови права

Колку често би требало интелектуалците (оние чии труд се состои пред се во тоа што го користат интелектот во секојдневната работа) да пишуваат и коментираат за општествените состојби, појави и актуелности? Дали ако си речеме дека работите отишле предалеку, дека џабе е се што ќе речеме, дека немаме пристап до поширока публика која би не исслушала (и покрај социјалните мрежи со нивните најчесто само фолоу и лајк) сме постапиле правилно? Мислам дека не, и мислам дека барем повремено би требало да оставиме каков – таков запис за она што го мислиме.

Значи, што се случува на Балканот и посебно во Македонија? Дури и кога човек живее во странство, невозможно е да не се забележи и реагира на големината на тој театар на апсурдот во кој статираат милиони, глумат некои елити, а режираат натплатени мешетари, газди на кучињата на војната.

Имам право да мислам така, затоа што после последните акции на судот во Хаг, кој судеше за она што се случи во текот на распаѓањето на Југославија (и потоа, во случајот со Македонија) апсурдот се крена на уште повисоко ниво.

Тоа се совпадна со прославата на знамето на Албанците кои се собраа да слават во Македонија пред се (папокот на Балканот, ако не на светот), и синхронизирано испратија пораки со воен призвук, кои овојпат не се ни трудеа да го прикријат. Можеби е така подобро, во театарот да паднат маските. Се слушна дека претседател на комшиска држава е за обединување на своите, а другите можат да одат по ѓаволите, претседател на верска заедница мисли дека таа вера ја исповедаат само Албанци.  Меѓународните режисери на претставата овојпат за чудо не суфлираа, туку си молчеа.

И, што да прават Македонците? Да ќутат, оти има и полошо? Да се обидат да спасат нешто, да се повикаат на разум? Да се фатат на јадицата и да станат насилни?

Македонската држава по многу што е специфична на Балканот. Може да се покаже дека е нај мултиетничка и мултикултурна (а не е сеуште политички близнак на Босна), истовремено и нестабилна (а сеуште не федерална), но дискутабилно е дали таа нестабилност е резултат само на мулти-етничноста или тука има уште некои фактори кои сценаристот и режисерот ги уфрлиле заради динамика и заради тоа да се осигураат дека претставата која ја режираат всушност нема никогаш да излезе од фазата на проби; имено оваа претстава постојано е во проба / игра, нема премиера, а сценариото се менува континуирано. Впрочем, така и треба, инаку сценаристите и режисерите би останале без работа. Тоа е сосем друга приказна.

Маневарскиот простор на мојата држава (по пасош) е стеснет до немајкаде и се чини дека не постојат ниту политички ниту институционални капацитети да се промени нешто. А македонците се инертни по природа за масовно да протестираат (одвај се собираат на протести и кога струјата поскапува а камо ли кога треба да се протестира за вакви заплеткани работи) или премногу лојални на својот клан / партија за да го нишаат кајчето кое пропушта вода од сите закрпи. Истовремено, елитите не можат многу да отстапат од она што сценаристите и режисерите го диктираат, сите живеат на кредити од кои зависи социјалната стабилност и комоцијата на тие локални елити.

Па, што да се прави? Не би било лошо на некое ниво да се продискутира за тоа каква држава сакаме да биде Македонија. Национална држава на македонскиот народ? Добро звучи, и со оглед на тоа каде се наоѓа Македонија, можеби тоа е и најоптимално. Нивото на човекови права и така е на сосема добро ниво, па секое малцинство си има загарантирани права. Уставот би требало да се промени, исто како и насила скроената територијална делба, а тоа ќе оди екстремно тешко, но не е и невозможно ако има единство, кое за жал го нема.

Мислам дека прв и најефективен чекор би бил некоја граѓанска иницијатива (Ленка, некое ново движење) да започне со иницијатива за промена на законот кој ги регулира политичките партии. Да се пропише со закон дека партиите може да се организираат само врз идеолошка и програмска основа, и со закон да се пропише квота на застапеност на партиски членови кои припаѓаат на македонскиот народ и на малцинствата. Со тоа би исчезнале партиите кои де факто се базирани на етничка припадност. За Македонија каква што е денес, мислам дека ова би имало подалекусежни позитивни последици отколку што тоа се чини на прв поглед.

Ако Македонците пак се толку загрижени што се случува со државата, како тоа да нема веб портали посветени на дискусија на македонското прашање и интереси? Не мислам на форуми, блогови, и сајтови на весниции или неделници, или сајтови на дијаспора, туку веб присуство каде е јасно која платформа се брани, каде пишуваат паметни луѓе кои имаат што да кажат и тоа редовно. Не сајтови кои го мешаат ова со забавни содржини, па на крајот се личи пак на сајт на некој неделник. Јас такво веб присуство немам забележено, а мислам дека е потребно. А можеби тоа не е според сценариото?

Advertisements

Your thoughts

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s